25
Јан

Етно (турски) стил во внатрешното уредување, прв дел

Етно стил во внатрешното уредување во денешно време повеќе е лесна стилизација на главните карактеристики на традиционалните народни куќи. Етно стилот вообичаено ги копира и/или поинаку ги распоредува шарите, цветните мотиви и креира нови шари, комбинации на бои кои се инспирирани од традиционалните бои, шари и шеми.

Истанбул или Константинопол или Стамбол со векови бил седиште на Отоманските султани. Истовремено Стамбол бил и град на мајстори занаетчии на прекрасни рачно ткаени теписи, уметност на сликање на Исламски минијатури, рачно изработено стакло, како и  просперитетен центар на мебел дизајн.  Традиционалниот турски дизајн се одликува со екстравагантен мебел, ориентално шаренило и украси од Отоманскиот период. Турскиот стил во внатрешното уредување е богат и раскошен, истовремено топол и шарен. Традиционалните домови во Турција имаат прекрасни рачно везени или ткаени килими и ориентални черги со топли богати тонови, ориентална керамика, тачно изработени лампи и предмети изработени од бакар.

Турците (како номадско племе) долго време живееле во шатори, јурти. Со тек на времето се населиле во Анадолија и тогаш за првпат се јавува терминот „Турска куќа“.  Карактеристично за почетниот период на  „Турска куќа“ е мал број на парчиња мебел, со фокус на практичност. Покрај фиксни парчиња мебел како полици, вградени полици и плакари, долапи, користени биле и парчиња на подвижен мебел. Специфично е дека подвижниот мебел не стоел во средина на собата.

Ова се некои карактеристични парчиња мебел кои влечат корен од отоманскиот период, а нивните инкарнации или модерни верзии се и ден денес во употреба.

Диван или софа
Во моментот кога се населиле во Анадолија, душеците го отстапиле местото на фиксни гарнитури за седење, диван и/или софа. Како генерално правило, диваните кои биле значително декорирани, биле поставувани покрај ѕидовите, за да се остави простор во средина на собите. Вообичаено диваните биле поставуване покрај трите страни на собата и биле покриени со удобни перници. Овој начин на седење бил стандарден за време на советодавните состаноци помеѓу султанот и неговите воени командири, а подоцна почнало да го користи и рајата. Диваните вообичаено биле поставувани на дрвена платформа и нивната висина никогаш не надминувала повеќе од 50 см. Традиционалните дивани биле удобни и декорирани со ориентални мотиви и оттука потеклото на термините „Отоман“ или „софа“. Денес терминот „Отоман“ многу често се користи за опис на парче мебел кое служи за одморање на нозете.


Кафе (клуб) маса или Sehpa
Најбитната и вообичаена функција на кафе масата (sehpa)) била да се постави послужавник. Најчесто биле правени во шестоаголна и осмоаголна форма. Биле поставувани или покрај диванот или во средина на собата. Горната површина била правена од оклоп на желка, рогови, слонова коска, злато или сребро и други егзотични материјали.  


На долните слики се преставени неколку стилизирани кафе маси од современи производители на мебел од Турција.

Турски килим

Една од одликите на овој стил се разнобојни теписи, килими и черги изработени рачно со алатки и методи кои не се сменети стотици години. Најчесто се изработуваат од 100% волна која е рачно боена со растително произведени бои. Најдобрите ткајачки на килими и черги се од Егејскиот регион на Турција. Со користење на оригинален турски килим дефинитивно ќе поставите висок стандард во уредувањето на вашиот дом. Традиционалнен турски килим секогаш е рачно ткаен (со голем број на јазли). Истите се софистицирани и доаѓаат во задушени или неутрални бои, но исто така се наоѓаат и во свежи и живи бои и помагаат во креирање на убава атмосфера во домот. Рачно произведените се екслузивни и доста скапи. Во секој случај имајќи во предвид добрите релации со Турција, се наоѓаат и машински килими кои може да траат со децении. Посебно познати се од градот Оушак и истите освен за декорација на под, може да се користат и како таписерија за на ѕид.

Доколку Ви треба совет за внатрешно уредување, побарајте нè.