13
Јул

Како да внесете зеленило во вашиот нов дом (инструкции за избор на растенија)

Добредојдовте на нашиот блог, каде што веруваме дека внесувањето зеленило во вашиот животен простор може да има трансформативно влијание врз вашиот дом. Денес, со задоволство ви ја претставуваме Силвана од Ботанико која ќе ги сподели неколку совети за тоа како да внесете зеленило и да ги изберете совршените растенија за вашиот нов дом (одделно за секоја соба). Зеленилото не само што додава природна убавина на вашата околина, туку нуди и бројни здравствени придобивки, го подобрува квалитетот на воздухот и создава смирувачки амбиент. Без разлика дали сте ентузијаст(ка) за растенија или почетник кој(а) бара да внесе растенија во домот за прв пат, овој блог пост ќе послужи како водич за избор на вистинските растенија кои ќе напредуваат и ќе го подобрат вашиот животен простор.

Вселувањето како процес знае да биде макотрпно и долготрајно, па многу често знаеме да заборавиме да внесеме нешто зелено во домот или да направиме погрешен избор поради тоа што сме преморени од барање по “совршено” парче за просторот. Изминативе години сме сведоци на зголемена присутност на растенија во сечиј дом, што особено не радува бидејќи можеме да потврдиме дека растенијата и те како влијаат на формирање целосна слика во ентериерот, а важат и за подобрувачи на расположението.

Бидејќи сакаме вашето искуство со новите избрани зелени пријатели да биде позитивно, за вас подготвивме листа на растенија кои лесно се прилагодуваат на амбиентална светлина, но исто така ги поделивме во категории за да ви биде полесно при одлуката кое каде можете да го поставите.

Па да започнеме, просторија по просторија, растение по растение.

ПРЕТСОБЈЕ

Започнуваме од вашиот влез, местото кое остава прв впечаток на секој кој ќе влезе во вашиот дом, а Вам ви дава сигнал дека сте дома.

Зависно од интензитетот на светлина и големината на просторот, препорачуваме овде да имате едно или две поголеми растенија кои ќе го надоместат непотребниот декор кој би го ставиле доколку ги нема, а истовремено ќе направат сите да почуствуваат позитивна енергија на прагот од вашиот дом.

Внимавајте на изборот на саксија, за поголемите растенија препорачуваме високи саксии или пак истите да ги поставите на висока сталажа.

1. ЕУФОРБИЈА

Ова сукулентно растение дава навистина поинаква слика за вашиот дом. Не е секојдневно, а има убав изглед и дефинитивно ќе го задржи вашето внимание.

Освен изгледот, навистина е лесна за одржување и потребно е да имате доволно индиректна светлина и да ја заборавате за наводнување.

Премногу вода може да ја убие, а и Вам верувам добро ќе ви дојде да знаете дека ќе преживее и со помалку нега.

2. ФИКУС

Постојат многу видови на Фикуси кои може да му дадат свежина на просторот. Еден од по толерантните е Фикус Eластика кој може да опстои и на умерена индиректна сончева светлина, а достигнува големи височини со тоа што дефинитивно ќе остави впечаток уште на првиот чекор во вашиот дом.

3. ЗАМИОКУЛКАС – ЗАМИЈА

Верувам дека многумина можеби имаат потемно претсобје и ќе им биде тешко да ги одржуваат горе наведените видови, затоа во оваа листа ја додаваме и Замијата која веруваме дека ќе го надополни совршено вашиот простор, лесна е за нега и може да живее на минимална индиректна светлина.

РАСТЕНИЈА ЗА ВАШАТА СПАЛНА СОБА?

Спалната соба е место кое често сакаме суптилно да го надополниме со некое растение, по можност истото да биде со позитивно влијание врз нас.

Постојат растенија кои важат за прочистувачи на воздух, па затоа ќе ви споделиме кои се и како може да ги вклопите во вашиот простор за одмор и релаксација.

1. ФИКУС БЕНЏАМИН

Веројатно веќе ви е познато ова растение и ние сакаме да ве израдуваме и да ви потврдиме дека истото е одлично за вашите спални соби, а важи и за подобрувач на квалитет на воздухот

Сака силна до умерена индиректна светлина, така што можете да го поставите близу прозорецот, покрај вашите кревети или во некој агол од собата.

Подготвени сте да го трансформирате вашиот простор во дом од соништата? Од концепт до изработка на мебел по мерка, ние тесно ќе соработуваме со вас за да создадеме персонализиран дизајн кој ги задоволува вашите уникатни потреби и стил. Во соработка со Ботанико, нашиот тим исто така може да ви помогне со изборот на растенија, за да го разубавите просторот со зеленило. Контактирајте не денес на info@dekorama.design за да закажете консултација и да го направите првиот чекор кон убав, функционален и удобен дом.

2. ПОЛЗЕЧКИ РАСТЕНИЈА

Ползечките растенија се прекрасен избор за спални соби каде има помалку светлина, а сепак сакате да направите простор кој зрачи свежина.

Постојат многу видови на ползавци, а веруваме дека кој и да го изберете ќе бидете задоволни и исполнети. На фотографиите подолу можете да видите Epipremnum Aureum (Golden Pothos).

РАСТЕНИЈА ЗА ВАШАТА ДНЕВНА СОБА

Дневната соба е место каде поминуваме најмногу време во нашиот ден и поради тоа секогаш треба да одбираме растенија кои ќе ни го задржуваат вниманието, но треба да бидат одмерени и да не предизвикуваат желба да ги отстраниме, преместуваме или да претераме со нивна нега.

Како впечатливи растенија во оваа категорија ќе ви ставиме листа растенија со фотографии, а на вас оставаме да одберете кое растение каде ќе го поставите.

1. АРЕКА

За простории со силна индиректна светлина препорачуваме ваква прекрасна зелена палма.

2. ФИКУС ТИНЕКЕ

За светли простории.

3. МОНСТЕРА

За простории каде имате послаба/умерена  дневна светлина

4. САНСЕВЕРИЈА

Простории со слаба дневна светлина.

РАСТЕНИЈА ЗА ВАШАТА КУЈНА И ТРПЕЗАРИЈА  

Во овие простории препорачуваме помали растенија кои може да ги ставите на работна маса, шанк, фрижидер или некое место на кое сакате да му дадете живот. Ова се нашите предлози за вас.

1. ПЕПЕРОМИИ

Одлични мали растенија кои може да ги најдете во различни бои, форми на листот и големини. Дефинитивно совршено го надополнуваат просторот доколку имате доволно индиректна светлина.

2. АЛОЕ ИЛИ ХАВОРТИИ

Многу слични во изгледот, а сепак различни. Овие растенија може да толерираат силна до умерена индиректна светлина, поретко се наводнуваат и се навистина разнообразни. Се вклопуваат на секое место, а на вас оставаме каде ќе одличите да ги поставите.

Голема благодарност до Силвана од Ботанико, повеќе информации на нејзиниот профил на инстаграм и на веб-страницата на Ботанико.