Наш избор од каталогот на ИКЕА за 2021
Иако годинава што изминува ги растури речиси сите планови за патување надвор од границите на државата, ние во ДЕКОРАМА решивме да почнеме со серијал за ИКЕА, едно од омилените шопинг места на многумина. Ова се некои од новите трендови и продукти кои ги најави овој гигант, а нам ни оставија впечаток.
Lindbyn
Дефинитивно еден од нашите фаворити од каталогот за 2021! Огледалото Lindbyn е врамено со тенка црна рамка и со својот едноставен и чист дизајн лесно се вклопува во било каков ентериер. Достапно е во неколку варјанти, а на вас останува да ја одберете онаа која најмногу ви одговара.
Enhet
Системот со отворени полици Enhet е уште еден наш фаворит. Одличен е и за кујна и за бања, а доколку сте креативни лесно би го сместиле во било која просторија од домот. Достапен е во бела, антрацит и црвено-портокалова нијанса, во неколку различни димензии, со различни кукачки и додатоци кои ќе ви го олеснат начинот на кој ги организирате работите.
Ivar
Системот за складирање Ivar е еден од класиците на IKEA, а сега е освежен со нови врати со исполна од бамбус кои одлично ќе се вклопат во опуштениот бохо изглед на вашата спална или дневна соба, додека пак за оние кои тежнеат кон индустрискиот стил – овде е Ivar изработен во сив метал.
Tufjord
Следејќи го трендот на тапацирани кревети, IKEA го понудија креветот Tufjord. Достапен е во два финиша, мек плиш со раскошна зелена нијанса и сино/сив релјефен тапацир.
Voxlöv
Трпезариската маса Voxlöv изработена од виткано дрво е типичен претставник на скандинавскиот дизајн поради својот начин на изработка. Топлата нијанса на бамбусот ја прави лесна за комбинирање со голем избор на столици.