Трендови во внатрешно уредување за 2021 год.
Повеќето од нас ја поминаа голем дел од 2020 година дома, заради пандемијата на Ковид 19. Со оглед на глобалната ситуација и во земјата, најверојатно голем дел и од оваа година ќе го поминеме во домот (од каде дел од нас и работат). Тоа подразбира и бара промени во навиките на живеење, како и функционално прилагодување на просторот согласно наметната потреба да се работи и учи од дома. И оваа година исто како и минатата година, доминантни ќе бидат две теми: креирање на фукнционален работен простор или домашна канцеларија и креирање на чувство на мир, удобност и радост во домот, подалеку од надворешниот хаос. Ова се некои трендови во внатрешно уредување кои се очекува да преовладуваат во 2021 год.
Доколку Ви треба совет за внатрешно уредување, 2д и/или 3Д рендери, изработка на мебел (дневна, спална или кујна на пример), побарајте нè.
Природни материјали, текстури, бои
Според еден куп „експерти“ за ентериер, 2021 год. во тренд се земјени тонови, вазни од теракота, кафе масички од мермер, кожа, плетени кошници и мебел од природно дрво. Многу луѓе започнаа да одгледуваат собни билки, со оглед на тоа што претходната година, а и оваа досега голем дел од времето го поминавме дома. Природните материјали, билките, земјени тонови даваат топлина, креираат природен изглед и даваат смиреност на просторот.
Геометриски форми
Асиметрични прави линии солидни и правилни форми и облици се една од карактеристиките на дневна соба на 2021 год. Трендот подразбира поголема примена на абстрактни форми и принтови.
Удобни софи
Софите се интегрален и централен дел на секоја дневна соба. Тоа е местото каде најчесто го поминуваме слободното време, удобно завиткани во ќебе гледајќи ТВ или читајќи книга. Тие се најчесто најкорис(т)ен дел од мебелот во еден стан. Оттаму при изборот на софа треба да се пристапи крајно внимателно. При избор на софа внимавајте на квалитетот на рамката, споевите, потпирачите за раце, пружините/федерите, мебел штофот и сл. Доколку има механизам на извлекување, пробајте го неколку пати, дали и колку лесно се отвора. Голем избор на софи може да најдете во Софа Студио, Зона мебел (Клое), модуларни каучи/софи во Фејдом (Cloud) итн.
Мебел со облини
Асиметрија и мебел со меки и обли линии е еден од трендовите за оваа година. Всушност станува збор за навраќање на удобноста на мебелот од 70-тите години. Заобленоста на мебелот ветува удобност и повикува на релаксација. Кругот нема почеток и крај. Оттаму и мебел со кружна форма е топол, повикувачки и смирувачки. Ваков мебел сугерира бескрајност, хармонија, заедништво и совршеност.
Канцеларија во домот
Со оглед на ситуацијата со епидемијата на ковид 19 и оваа година добар дел од нас ќе работат од дома. Тоа значи дека простор кој е посветен на работа. Имено работното катче во домот треба да биде удобно, да обезбеди приватност, а истовремено и да мотивира и промовира продуктивна работа. Не постои рецепт за добро работно катче, но неопходно е да се обезбедат барем минимални услови како добра работна маса, удобна столица, простор за складирање и добро осветлување (природно по можност).
Храбри (обоени) ѕидови
И покрај најавите за „исчезнување“ на акцентните ѕидови, сепак и 2021 год. тие ќе бидат во тренд. Без оглед дали станува збор за боја, тапети, големи дрвени ѕидни панели, акустични ѕидни облоги, декоративни текстури и/или гипс; ѕидовите влијаат не само на визуелно, туку и на акустично и тактилно доживување на просторот/собите.
„Едноставен начин да внесте мала возбуда и драма во некоја соба е муралот кој е уметност сама за себе”
Нијанси на зелена
Еден од трендовите според Форбс за 2021 год. кога станува збор за ѕидови, декор и смарагдно зелена. Оваа богата темнозелена смарагдна потсетува на пролет, мов, борови шуми и обнова. Причината за зголемено користење на темнозелена е можеби во потребата ба луѓето да внесат повеќе природа во домот и позитивно расположение во нивните животи.