Интервју со Данче Ефтимова, муралистка D.S murals
Како и кога си започнала да сликаш мурали и зошто?
Зимата – 2013 год. кога дознав дека ќе станам мајка, сфатив дека најважното нешто во животот е да бидам среќна и задоволна од нештата што ги правам во моето секојдневие, а само така би го дала максимумот од мене и на ќерка ми. Но никогаш не можев да претпоставам дека тоа ќе биде баш изработка на мурали и дека ќе прогресира толку брзо. Започнав апсолутно рекреативно без никаква намера да почнам од истото да заработувам. Но, набрзо луѓето почнаа да ме прашуваат и да се интересираат, што ми даде голем поттик да направам мали чекори кон ова што е денес.
Кога првпат сфати дека сакаш да се занимаваш со уметност како кариера?
Како дете, искрено ќе кажам цртањето ми беше бегство од секојдневието. А секој што се бави со нешто креативно знае за она чуство кога целиот свет запира и се наоѓаш на некоја мирна точка, некој друг свет. За мене не беше ништо повеќе од тоа, но едноставно знаев дека ова е тоа што јас најдобро го правам и дека ако ништо друго ќе го правам додека сум жива, како некоја секојдневна мантра, но никогаш не целев да ми стане професија. Уметниците во моите очи биле богови, нешто несекојдневно, а јас во мојот развој не гледам и ден денес на себеси така во ниеден момент.
Кој беше првиот медиум со кој експериментираше како уметник?
– Во пораните години кога не се занимавав со сликање мурали најмногу работев графички цртежи, експресионизмот секогаш ми лежел како израз. Четките никогаш не ми биле први на листа но ете, не секогаш тоа што не го сакаме не не сака и нас.
Што те натера да го избереш муралот, кој често се смета за неконвенционален во споредба со другите форми на уметност?
Во мојот случај не сум само јас уметникот, туку и клиентот, архитектот, публиката што ќе го види, детето во чија соба ќе биде муралот итн. Сметам дека е едно посебно искуство со кое јас ќе успеам да го сфатам и гледачот, неговиот начин на живеење и желбите. Кога се тоа ќе се разбере, кога ќе се прецизира и изработи, чуството на задоволство е многу поразлично од чуството кога сликам сама. Секое следно е ново искуство, нови луѓе, нова средина и се тоа за мојот карактер е многу интересно и предизвикувачко.
Твојот процес и како се инспирираш за креирање на нови мурали?
Како што спомнав претходно, секој следен проект е различен сам по себе. Најпрвин е комуникацијата со клиентот, неговата замисла и како изгледа просторот, за што е наменет, а потоа следи скица или спој од слики. Буквално од реалистични сцени на домашни миленици до обични линеарни цртежи, секој по себе различен со различна техника и тежина. Мојата инспирација се секогаш моите клиенти, нивниот стил, нивните желби. А техниките на изработка ги нудам јас со што секогаш доаѓам до нешто уникатно.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш при работа на отворен простор (се разбира доколку си работела на отворено)?
Условите на отворено се секогаш непредвидливи, од една страна е интересно зошто секогаш е ново искуство, но некогаш е исцрпувачки доколку се работи за одреден рок. До сега најстрашното искуство ми беше со провалија под мене која не изгледаше толку страшно но мало невнимание можело да биде фатално. Сепак внимавав повеќе одошто можам да се посветам ја изработката па процесот траеше дупло повеќе од што треба. За временските услови воопшто нема да кажам, доволно е непредвиден дожд од 2 минути да уништи работа од десетина дена.
Како го проценуваш времето и ресурсите потребни за изработка на мурали?
Времето е нешто што сама го диктирам, доколку се работи за приватен дом. Каде што семејството функционира и живее, изработката трае најдолго пет дена, што е реткост. Од искуството до сега е доста непријатно за обете страни кога сликањето мурал во приватен простор трае со денови. Па така и најчесто ја договараме изработката да се поедностави и адаптира.
Што сметаш дека е најзабавниот/најпријатниот дел од сликањето мурали?
Најзабавниот дел за мене е кога се чуствувам сигурно, кога чуствувам дека клиентот е среќен има апсолутна доверба, си ги ставам слушалиците и почнувам со целиот процес.
„За да се создаде еден мурал, најчесто и најпрво ми се потребни пропорциите или димензиите на ѕидот, или просторот доколку се работи за повеќе ѕидови, столбови, плафони.. “
Како обично му приоѓаш на нов мурален проект, од концепт до извршување?
За да се создаде еден мурал, најчесто и најпрво ми се потребни пропорциите или димензиите на ѕидот, или просторот доколку се работи за повеќе ѕидови, столбови, плафони.. Разговорот со клиентот во првите чекори е што сакаат, дали имаат рок на изработка, дали имаат конкретна замисла. Потоа пристапувам јас со скица, измени на замислата доколку сметам дека треба, конкретни бои и елементи, стилизирање, се останато најчесто подлежи и на измени во текот на самата изработка. Не можам да опишам цел процес бидејки секогаш секој нов проект е различен, во различни услови итн.
Како ја балансираш сопствената креативна визија со желбите и очекувањата на клиентите или соработниците?
Не се трудам многу, не давам голем притисок и внимание на тоа. Едноставно си доаѓа само по себе и секогаш на моите клиенти им предочувам дека сепак станува збор за четка, око, рака, но давам се од себе да моите изработки бидат токму тоа што сака да го види клиентот.
Колку е важна комуникацијата во твојата работа?
Како интровертен карактер во врска со непознати луѓе во текот на годините и искуството успеав да научам дека конкретното изразување дава чиста замисла за нештата, а е и темел на добрата комуникација, без разлика дали станува збор за клиент или личност која е дел од мојот приватен живот.
Кои се најуспешните проекти на кои си работела и зошто? Можете ли да споделиш пример за конкретна незаборавна работа што си ја направила и која е особено значајна за тебе?
Пред година дена имав задача да направам приватна мапа на мурали како дел од портфолио, но тоа беше многу неуспешен обид како и одговорот на ова прашање. Нескромно ќе кажам дека имам сработено над илјада мурали, на голем дел од нив не се сеќавам и за тоа не би можела да одвојам нешто како најуспешно. А како најпознато меѓу луѓето ќе ги одделам розевите фламинго крилја во скопската Зоолошка градина. Секојдневно си ги гледам на слики по социјалниве мрежи и ми создава бесценето чуство.
Кои се твоите цели и планови за иднината?
Бидејки ова е работа што воопшто не е физички лесна, во следниот период мојата цел е да си ја заштедам енергијата и да се посветам на неколку концепти што ќе ги работам сепак од удобноста на мојот дом. Никако не би се откажала, мојата желба е да работам мурали низ целиот мој живот, но сепак физичката спремност не е секогаш иста а фокусот само на мурали знае да бара многу голема посветеност и енергија колку и да звучи симпатично од страна.
Кои совети би ги дала на млади луѓе кои сакаат да започнат да работат мурали?
Едноставно да почнат 🙂 без големи очекувања, со многу труд и упорност, љубопитност и пред се љубов. Да се соочат со своите способности и реални квалитети, но да не ги гледаат како лимит. И секако доколку имаат додатни прашања, да ми се обратат, помагам во секое време 😊
Колку е важно да се земаат предвид околните фактори, како боите на околината, градежните елементи и други, при одбирање на локација и дизајнирање на мурали?
Иако секогаш сакам да експериментирам, да вметнам неочекувано во очекуваното, да го одвојам нештото од околината, најчесто внимавам на околината. Доколку дозволува етички, моите идеи се неколку со сигурност. Потоа се останато е заеднички договор со клиентот.
Кои се најголемите предизвици и предности на работа како мурал артист во Македонија, според вашиот искуство?
Најголемиот страв кој јас морав да го надминам беше дека ќе има периоди кога едноставно работата ке стагнира. И тоа од денешна гледна точка ми се моите кратки непланирани бонус одмори. Истово е и најголемата предност и најголемата мана. Предизвикот е секогаш условите за работа, од отворени карабини, до високи скелиња, работа со телескопски четки итн.
Како се мотивираш себесе и твоите соработници да останат креативни и иновативни, дури и кога се соочуваат со предизвици во работата?
Убедена сум дека за секој проблем постои решение, а го наоѓаат само упорните и љубопитните. Кога еднаш ќе научи човек да ја користи својата вештина на истражување и барање решенија ниеден предизвик не е страшен, туку е само возбудлив 🙂
Каква е твојата филозофија за уметноста?
Толку многу е студирана и анализирана што сметам дека што и да кажам ќе е сувишно. За мене во мојот свет е начин на живеење, материја која ми дава простор и да се изразам и да учествувам во општеството како самостојна среќна и задоволна единка.
Кои се најголемите тенденции во светот на мурали и како ги следиш и применуваш во твојата работа?
Да се оформи тим е нешто што е најтешко оваа професија. А во светов постојат екипи од по стотици луѓе кои работат проекти со навистина огромни мурали. Што за мене е фасцинантно. Нешто во споредба со изградбата на пирамидите но во модерно општество. Во споредба со моите тенденции, искрено имам желба да некогаш бидам дел, или само сведок на некој таков процес.
Повеќе за Данче на нејзиниот Инстаграм профил.