11
Мар

Интервју со ликовната уметница Ана Митевска

Можете ли да ни кажете за вашиот прв цртеж (кој го паметите), како станавте сликарка??

Да, моето прво дело, го паметам и ден денес, насликано на платно пред околу десетина години.  Се сеќавам дека беше инспирација од големите сликарски мајстори, врвни со својата експресија и колоритност.

Каков е вашиот уметнички процес?

Процесот во сликањето е секогаш различен. Понекогаш е подолготраен кога се вклучени и маслените бои кои бараат истрајност и го диктираат понатамошниот развој на делото.

Која е главната инспирација зад вашата работа?

Не се работи за инспирација, туку главен виновник, за раѓањето на моите творби, повеќе од сигурно е природата.  Таа, едноставно се вовлече во мене без моја дозвола. Се притаи, но не се скри туку како вулкан од време на време еруптира со лава од акрилни бои.

Можете ли ни кажете за било какви предизвици со кои сте се соочиле како сликарка?

Секако, еден од предизвиците кој ќе остане незаборавен,  се случи токму пред две и пол години, за време на пандемијата. Тоа беше периодот на карантиските денови, кога имаше ограничување во излегувањата. Беше полициски час, а јас и мојата ќерка Ања (студент/архитект) имавме интересна задача да насликаме портрет на жена, која се споменува во стиховите на песната  “Слика”, компонирана  од мојот сопруг Александар Митевски. Измешани емоции ме врзуваат токму за таа ноќ, кога градот спиеше, а ние требаше да бидеме креативни и да насликаме дело на кое ќе се сеќаваме засекогаш.

Како сметате дека вашата уметност ќе се развива во иднина?

Долго време чекав и се двоумев. Но еве конечно се обидов. Минатиот ноември, 2022 год. се случи мојата прва самојстојна изложба “ Саксофон “, во чест на роденденот на општина “Карпош”. Беше незаборавно искуство и долго посакувана желба. А оваа пролет, во тек се  подготовките за отворање на еден интересен концепт – простор “ Ателје Анарт ”  во кој ќе бидат изложени сите мои слики.   За во иднина, освен апстрактните дела,  ми се раѓаат и  многу други идеи за севкупниот декор во домот и ентериерот, но ќе оставам спонтано да се случуваат работите.

Една од вашите пасии покрај сликарството и архитектурата е и љубовта кон внатрешното уредување/ентериер дизајн. Можете ли да кажете за тоа како ја инкорпорирате вашата уметност во ентериер дизајнот/уредувањето на домот?

Целиот мој живот сум вљубеник во се она  што претставува синоним за вистинска убавина во домот. Сакам се што ќе креирам да биде ефектно и прецизно до перфектност. Мислам дека окото не ми дозволува да импровизирам со било што друго. А љубовта кон архитектурата ми е генетски врежана од мојата мајка, која е архитект и секој нејзин совет било да се работи за боја, парче мебел и се што значи стил го прифаќам и практикувам со голема благодарност.

Кажете ни нешто за употребата на неутрални бои, темни тонови и апстрактни форми во вашите слики и за нивното значење?

Долго време траеше мојата потрага  по соодветни бои, најчесто топли и земјени тонови кои ќе создадат во секој дом удобно катче за живеење. Штом ја направив првата слика, знаев дека во тој колорит треба да бидат и следните дела.

„моите дела се резултат на моментална инспирација, рефлексија на емоции, сетила, звуци, мириси и сеќавања



Можете ли да разговарате за улогата на поединецот и слободниот избор во вашите уметнички креации?

Секој еден уметник си има своја приказна во креациите кои произлегуваат од него. Почитувам секаков тип на уметност. Конкретно моите дела се резултат на моментална инспирација, рефлексија на емоции, сетила, звуци, мириси и сеќавања.  Затоа и се одлучив за апстракцијата како правец бидејќи нема граници во замисленото односно нешто што не постои, но силно се чувствува.

Како ја гледате улогата на уметноста во истражувањето и разбирањето на личниот идентитет?

Уметноста за мене претставува континуирано трагање, восхитување и поврзување со природата.

Можете ли да кажете за некоја слика која има посебно значење за вас и зошто?

На самиот почеток за секоја слика ме врзуваше по некоја чудна емоција, а бидејќи сликав во домашна атмосфера постојано дишев со нив и сентиментално се поврзував.  Но, дојде моментот кога требаше да се одвојам од нив, дел продадов, дел ги подарив на моите блиски пријатели  и  сватив дека со ниедно дело понатаму не смеам да се врзувам бидејќи намената им е сосема поинаква. Да ги разубавуваат домовите, да внесуваат ведрина и топлина и нималку тага.

Според вас, каква е улогата на уметноста во општеството и како гледате вашата работа да се вклопи во оваа поширока слика?

Според мене уметноста заслужува да биде на пиедесталот. Особено, знаејќи дека е составен дел на животот на една држава, град и личност. Да, таа се креира од поединецот, но и од природата која  сликарите, вајарите, архитектите или поетите можеби најдобро успеале дел од неа да го преточат како инспирација во своите дела.

Дали имате некои посебни ритуали или практики што ги следите кога започнувате ново уметничко дело?

Во принцип, не практикувам ништо особено на почетокот, процесот на сликањето ми е спонтан  како и самите дела кои секогаш се разликуваат едни од други.

Се чини дека вашите слики предизвикуваат чувство на смиреност и спокојство. Дали е ова нешто што намерно се обидувате да го пренесете, и ако е така, зошто?

Ви Благодарам. Ништо не е намерно, се работи за мојот вистински карактер кој го пресликувам на платното. Моите слики, тоа сум јас.

Повеќе за Ана на нејзината веб-страница.