28
Ное

Интервју со сликарката Исмане Мехди

Интервју со Исмане Мехди од Скопје

Дали го паметиш твојот прв цртеж? 

Да, секој мој цртеж уште од дете сеуште го чувам во мојата уметничка архива, а можам да кажам и дека преку сите тие цртежи, дел од кои сеуште се чуваат во архивите од училиштата, ми се отворија безбројни врати.

Најсилната/најсвежата меморија  од твоето детство поврзана со уметност?

Како дете секогаш чуствував дека можам повеќе, дека ќе успеам да бидам  креативна и да стигнам до уметничкиот свет. Би сакала да додадам дека во 2006, како петнаесет годишна ученичка имав голема шанса, тогаш станав дел од на американската организација NBC (new born center) во која се занимавав со уметност две години, и тоа ми помогна и подоцна за да го проширам мојот уметнички свет.

Утрински ритуал? Кафе или чај?

Кафе утрински, чај повеќе навечер.

Зошто сликаш?

Ако не сликам, тогаш одам против дарот што ми го дал Господ и желбата преку мојата уметност (тој) да им донесе светлина и мир на луѓето. Како Бог да е оној со четката што стои покрај моето платно и ги пополнува сите сложени и неверојатни детали меѓу вировите и колоритот


Теми кои ги истражуваш и те привлекуваат?

Човековата историја, но и нашиот секојдневен живот со кој се соочуваме, пришто повеќе сум фокусиранa на емоционална и духовна состојба на луѓето.

Има многу енергија и движење во твоите слики. Кажи нешто за тоа како му пристапуваш на платното/хартијата и за твојот метод на сликање?

Интересно е што во моите уметнички дела, зад сета таа скротена експресија, токму со тој препознатлив памучен допир кој лебди како превез, се испраќа една длабока порака интимизирајќи ја со топла нота женственоста која е вткаена во моето постоење. Сликите се одраз на една отворена филантропска душа, во која слободно може да погледнете и да ја препознаете љубовта кон човештвото и светот, разградена во нишки кои ќе  ве испратат да ги визуелизирате радоста на постоењето, енергетскиот набој на природата и никулците на сите форми на живот. Преку моите бои се сензибилизира кревкоста на човекот кој ја носи својата судбина, но врз која, со памучен допир навестувам светлина и оптимизам, порачувајќи дека во тоа заплеткано клопче од бои и низа емоции постојано живурка надеж. Нашите внатрешни емоционални битки во сликите се всушност симфонија од чувства кои се помируваат и зреат, и токму како созреани може да го апсорбираат животот со сите бои на емоциите: тагата, гневот, стравот,радоста, љубовта, сочуствителноста, болката, страста. Но, сите тие собрани како искуство се вткаени во моето обоено апстрахирано „клопче“ кое вие со вашата имагинација може да го интерпретирате преку сопствен „разбој“ низ кој мојата порака ќе ја преточите во парче ткаенина или во случајов слика. Ние самите имаме архаични кодови кои не идентификуваат со шарите на традициите на нашиот народ кои сме ги апсорбирале уште од колевката. Тие спонтано влегуваат во експресијата која го содржи печатот или белегот на опкружувањето кое ги вмрежува шарите на секојдневието во нашата свест.


На што работиш сега?

Моментално се подготвувам за десетата самостојна изложба, која ќе биде ретроспективна изложба во која ќе бидат изложени мои слики низ годините. Во исто време, се спремам и за други интернационални групни изложби за Њујорк, Париз, Тирана, Босна и уште неколку други држави на кои сум веќе поканета и во текот на наредната година би требало да се реализираат.

Користиш интензивниот колорит. Како се развивал твојот стил и користење на боите со тек на годините?

Бојата е допир на окото, музика за глувите, збор излезен од темнината. Бидејќи десетици години ги слушав душите  како шепотат – како вејка(?) на ветрот , од книги па до уметности, дозволете ми да кажам дека низ годините мојот допир со повеќе бои наликува на допирот на ангелите. Сепак, кај мене деликатноста не се манифестира ниту во слабост ниту во суптилност, туку преку решителност и волја. Така привлекувам внимание на себе и околината. Не се плашам да користам многу бои во моите слики. Колку е прекрасно да покривам платно што ме чека со сопственото победничко битие. Каде и да сум, сакам очите на луѓето да светат, страстите да се зголемуваат, цел свет да погледне колку е прекрасно да се живее, колку е прекрасно да се види. Уметноста ти дава шанса преку неа да гледаш  на друго ниво,ти дава голема енергија, инспирација, желба, позитивност и сознание дека самиот живот почнува и се враќа кај нас само со убави работи.

Идеален ѕид за твоите слики?

Над 100 мои слики се продадени и/или изложени во различни институции, домови во и надвор од државата, но најголемото задоволство се сликите што ги донирам во здравствени институции и установи за деца со ограничени способности, со еден збор –  највредниот ѕид е оној што влијае кон развој на хуманизмот.

Музика додека сликаш?

Секако, не е можно да сум во ателје и да нема музика, повеке слушам музика од 70-тите/80-тите години и, ако сум многу помлада генерација, јас пораснав во духот на рок (балади).

Кажи ми нешто за твојот живот надвор од ументоста? 

Поголемиот дел од времето го поминувам патувајќи, дел се работни патување, но истотака и семејни патувања. Притоа уживам да го поминувам времето со моето семејство, татко ми и моите две сестри. Тие се мојата инспирација.

Што или кој друг уметник те инспирира(л)?

Имав неколку кога бев „мала“, сметам дека сега е време да се фокусирам на себе и да ја изнесам на виделина моето гледање на уметноста, но како автор секогаш наоѓам инспирација во обичните луѓе.

Најдобар совет кој ти е даден?

Има неколку, но јас сум девојка која се слуша себеси и секогаш размислувам двапати пред да преземам нешто во секој аспект во животот.

Повеќе за Исмане на нејзиниот Инстаграм профил.