13
Мар

Made in Italy од Иранката Сами Солмаз

Интервју со Сами Солмаз, уметница од Техеран

Сами кажи ми нешто за себе? – од каде си, нешто за твојот образовен и професионален background.

Јас сум Иранка и живеам во Италија долги години. Дипломирав графички дизајн на Универзитетот за уметност во Техеран, Иран. Исто така, ја стекнав мојата прва магистерска диплома за визуелни уметности со фокус на визуелна семиотика на Универзитетот во Болоња. Втората магистерска диплома по применета илустрација ја добив на Академијата за ликовни уметности во Болоња, Италија. Работам како графички дизајнер, дизајнер на шаблони и визуелен уметник и имам направено некои илустрации за различни збирки поезија, книги со приказни и списанија. Досега имав 30 групни изложби во Иран, Италија, Америка и Кина.

Кажи ни нешто за твојот работен процес?

Дизајнот е составен дел од мојата работа. Секогаш се трудам да ја одберам мојата техника согласно темата и претпочитам да ја завршам работата во одредено (дефинирано) време. Според мене, како се зголемува времето потребно за создавање на едно дело, чувството на уметникот во тоа дело станува помалку очигледно.


Омилено врее за создавање во денот?

Не секогаш творам во определено време од денот, имено времето за создавање дело е секогаш различно за мене, што значи дека почнувам да создавам уметничко дело секогаш кога сум емотивно подготвена.

Како и зошто уметноста е важна за општеството?

Според мене, уметноста е многу важна за општеството и најдобар и најавторитетен визуелен документ за иднината. Во исто време, уметниците на една земја работат со фиксна тема, што ја покажува состојбата на општеството што повеќето уметници ја избрале.


Што те мотивира да креираш?

Врз основа на моите студии во различни области и областа во која студирав, мојот фокус беше повеќе на знаците. Несвесно, во моите дела се појавија симболи и знаци и се надоврзаа и ги надополнија моите идеи.

Како се менува твојот стил со тек на времето?

Претпочитам да не бидам подолго време во многу мирна ситуација, бидејќи мојот извор на инспирација е секогаш животот, општеството и луѓето, во кои секогаш има надеж за иднината, живот и љубов, а исто така животот со себе носи болка и тешкотии, и не е фер да се размислува само убаво и тоа да биде едниствен извор на инспирација.

Опиши ја твојата идеална работна средина

Идеалната работна средина за мене се менува согласно или според моето расположение. Во глобална ситуација каде мислам дека повеќето луѓе се уморни поради корона вирусот, мојот идеал не е модерен урбан простор, тоа е зачувана и недопрена природа.

Како одржуваш рамнотежа помеѓу приватниот живот и работата како уметник?

Постигнување рамнотежа помеѓу личниот и уметничкиот живот изгледа малку тешко. Умот на уметникот постојано е вклучен во уметноста и создавањето на уметничкото дело. Затоа што уметникот е постојано ментално вклучен во прашања поврзани со сопственото уметничко дело. Но, тоа не значи дека е невозможно. Секој чувствителен уметник може да ги балансира животот и работата со елеганција.

Како твоите уметнички дела се вклопуваат во дизајнот на еден дом или канцеларија?

Во моите уметнички дела, употребата на бела или светла позадина му олеснува на гледачот да ја бара приказната. Да дознаат повеќе за тоа што се случува повнимателно, а тоа е пријатно за гледачот/ката, а тие што ја сакаат мојата уметност претпочитаат да го закачат делото во делот од домот кој е поинтимен и приватен.

Дали со текот на времето станавте похрабри со вашата работа?

Не само со многу работа туку и со проучување и критикување на делата ми се зголеми храброста и постапувам и креирам пологично и со помалку двоумење.


Што е најважното нешто во вашата досегашна кариера?

Според мене, врв на мојата работа се линијата и формата.

Идни проекти?

Во многу случаи, иднината не е јасна за уметникот, а тоа го оневозможува точното планирање. Но, јас сум многу желна во блиска иднина да имам изложба од областа на визуелната уметност. Преферирам групни изложби, бидејќи тие за мене се секогаш многу пријатен предизвик, предизвик во кој уметниците се здружуваат со различни идеи и перспективи.

Повеќе за Сами на нејзиниот инстаграм профил.