29
Апр

Made in Macedonia – Боро Арсовски

Интервју со сликарот Боро Арсовски

Пред извесно време заврши изложбата во КИЦ на која предходеше онаа во Струмица. Поставивте дела со кои ја развеселивте публиката која очигледно беше гладна за социјално дружење, а истовремено да се восхитува на текстура, бои, форми, облици. Но кои се всушност Вашите почетоци со четката на платно и што е она што Ве инспирира и мотивира да сликате и творите?

Почетоците како кај повеќњето од нас се поврзани со набљудување на самата околуна во која сме ги поминале првите години од животот, опкружувањето со нештата и секако не само таа. Има нешто и во љубопитноста  да се види на кој начин се тие нешта дојдени. Јас бев опкружен со уметност од најрана возраст, со духовност пред материјалното, како и поддршка во се што беше мој интерес. Поддршка не во смисол на попуштање или удоволување, туку и со критика. Како и секое дете и јас не знаев што би работел друго, освен она во кое целосно се внесував. Тоа секако беше изразувањето преку цртањето и боите, а помалку со останатите вештини кои ги стекнуваме во најраната возраст. Тоа се случува кај поголемиот дел од децата, би рекол само од себе и никој не може тоа да го одземе, освен секако самите родители. Имено тие стравувјки за иднината на своето чедо и негова убава егзистенција, носат одлуки наместо детето и со тоа тука завршуваат многу таленти. Јас ја немав таа несреќа… Моите родители ме поддржаа и ми укажаа дека сопствената одлука е моја натамошна обврска. Секако дека помагаа и понатаму, помагаат и сега, а со тоа ми даваат пример како и јас како родител да постапувам.

Боро Арсовски го знаеме како академски сликар и ликовен педагог, фотограф и дизајнер. Како се испреплетуваат сите овие уметност во Вашето секојдневие? Како ја дешифрирате сопствената реалност и што е она што сакате да му го кажете на светот преку сопствените дела?

Јас не случајно завршив средно уметничко училиште и не случајно завршив ликовна академија… Но случајно пораснав и требаше да станам сериозен човек кој како таков мораше да најде некаква егзистенција. Можеби сите овие години лебди прашањето “што мајка ми ја барав во образованието… И немаше ли нешто бетер???” Но еве сум и не ми е жал…  Не го прекинав никогаш сликарството… Можеби 2000- та и 2001 година континуитетот беше нарушен поради обврските со кои 24 часа не бев дома… Работев паралелно и во училиште и како фото репортер.  Таа “трчаница и брканица” може да се опише само преку пример со серијата “24 Часа” . Динамиката беше убиствена. Морате да бидете професионалец и во двете улоги. И во двете улоги нема лажење. Дизајнот се по ретко е на моето мени, до неодамна предавав предмет кои е во директна врска со таа ликовна категорија, но по врската – љубовта останува… Ха ха ха …


Фотоапарат или четка во раце? Ќе посетиме ли наскоро и изложба од Ваши фотографии?

Не ги поврзувам ниту технички, ниту емоционално, ниту како фотографијата и сликарството… За нив имам одвоени емоции и пристапи. Нормално дека ми помагаат елементите и принципите кои им се заеднички. Но не ме ограничуваат на тој начин или ме тераат да размислувам преку едното за другото и обратно… За мене врската помеѓу нив е многу, многу одвоена и така и ќе остане …. Заедничко е само тоа што подеднакво ќе ги носам во себе. А за изложби и настапи , размислувам сериозно да кажам едно отсечно НЕ … за тоа секогаш има оправдани причини, но за да каже човек  ДА , за тоа треба еден секунд на убава исполнетост… Така да не би можел да кажам колку време ќе помине пред тој секунд.

На Вашиот фејсбук профил може да се видат и уметнички дела од custom made гитари. А она што можеби малкумина знаат, особено помладата генерација е дека Боро Арсовски свири и гитара и бил член во неколку култни бендови. Од каде оваа пасијата? Која е приказната?

 Да … Гитарите ми се љубов, нивниот звук и целата магија околу нив… Имам способност да препознаам добра гитара и добар гитарист, ама и да изведам нешто приближно добро на истата… Но со голема љубов ги правам , поправам, редизајнирам, им ги подобрувам свирните перформанси  или сликам врз нив. Можеби сум свирел во некои бендови кои не се току култни, но секако го живеев тоа време кога беше култ да си дел од нив. Сето тоа е ентузијазам кој не губи на снага… И сега би се приклучил на некој PUNK бенд кој ја има енергијата на моето сликарство, во кое има големи рефлексии токму од истиот.


Кој е Вашиот омилен сликар/уметник и што иситот го прави голем? Дали има формула за успешно уметнико дело?

Голем уметник за мене е Симонида Филипова Китановска… Формулата е да живеете со сликата , а таа баш тоа го прави… Тоа е нејзиното гласно дишење, толку силно што ви го одзима и вашиот здив кога ги гледате нејзините, не би знаел како да ги наречам…Веројатно луѓето ги нарекуваат слики, но тоа е нешто кое го надминало материјалното и не носи во нова димензија … Немам идол и не сум обземен со некој уметник посебно, но ги ценам оние каде се чувствува пркос и не сложување со надворешната критика … само чиста сила на душата врз платното. Со интернетот откриваме дека од секогаш низ вековите имало многу Рембранти, Пикасовци, Мондријани, Бранкузиевци, Гогени, огромни енергии на креацијата … Нема формули, нема титули… Само бескраен космос и  треперења. 

Веќе низа години сте ликовен педагог во ДСУЛУД „Лазар Личеновски“. Имајќи го сопственото искуство како академски уметник кој се развива низ различни социјално, општествено, културолошки периоди, што е она што би им го порачале на Вашите ученици, идни колеги?

Како ликовен педагог имам континуитет во професионалното  развивање и созревање. Работејки со ученици во основното образование долго години, спремен сум да ги продолжам нивните соништа и во училиштето кое е поголем исчекор за нив. Тие доаѓаат и ако не сте го живееле предходното искуство заедно со нив, тоа е како да не знаете јазик, а го зборувате… Би им порачал, за почеток да не бидат горделиви , а за крај , да не ги прават истите грешки како јас … ха ха ха … А како за нај за крај, да не ги отфрлаат  приликите какви и да се додека се млади.

Опишете ни го Вашето атеље?

Моето атеље или студио… На почетокот реков дека имав целосна подршка од родителите … Така да уживав во најголемиот простор во станот. Со сите погодности. Еден период имав едно мало атеље во населбата Козле … Убаво место за осаменост. Но јас не сум човек кој сака осаменост или аскетизам. Не гледам предност во тоа, поготово ако имаш базен во лето, топлина од блиски луѓе околу тебе во било кое доба, добро Hi Fi со извонредни звучници, кујна во близина и удобен кревет по слаткиот напор пред платната, и секако комшии, кои те потсетуваат на тоа со волшебните изговорени златоусти зборови ” оооој комши… Седи малку одмори” Тоа сето го имам во населбата Пинтија, најпосакуваното предградие за живот близу до Скопје. Моето атеље не е ништо друго, туку мој начин и моето место на живеење… Поинаку не би можел. Еден е животот, осаменоста е по него … Има време за осаменост. Ниту сликите на зидот не смеат да бидат осамени… Поздрав !

Нешто за крај?

За крај би сакал да кажам дека нема звезди и звезден сјај ако не ги растераме облаците во нас. А и кога ќе го сториме тоа, ако сме навистина една од нив, ќе дознаеме само по насмевките и малиот сјај во окото на оние кои ги виделе. 

Делата на Боро Арсовски може да се најдат во Галерија Артерама.