Made in Macedonia – Дејан Џолев
Кратко твит интервју со Дејан Џолев, визуелен артист, основач на школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите” и главен и одговорен уредник на платформата „Скала магазин”
Фотографија vs сликарство?
Сликарство!
Според тебе, која е одликата на добра фотографија?
Идејниот и естетски труд.
Која опрема/апарат е must-have?
Било што е сосема доволно.
Омилен објектив и зошто?
Мојот, еден и единствен (35mm f1.4).
Кои фотографи (локални или не) влијаеле на твојата работа?
Фотографиите и воопшто фотографијата има мало влијание во моето авторство. Многу повеќе уживам во сликарството, филмот и литературата. Фотографијата е само наједноставниот медиум преку којшто можам јавно да презентирам одреден став, размисла или импресија.
Дали имаш формален тренинг за фотограф или си самоук?
Најголемите тајни ги открив многу млад, благодарение на моето неформално љубопитство, подоцна формалното образование беше само артикулирање на мноштвото идеи и желби.
За формата, боите, композицијата?
Тоа е нашиот јазик, а да се зборува е привилегија.
Дали и кој тип на софтвер за едитирање/обработување на фотографија користиш?
Софтверите не измислија ништо ново, единствено го дигитализираа процесот на обработка, а со тоа денес процесот е поедноставен, побрз, поекономичен и поеколошки. Некогаш работев во лабораторија, денес користам фотошоп. Всушност „користам” е навредлив збор… Фотошоп е светот на бајките и можностите.
Уметник/уметноста или фотографија во Мк?
Ние не ја бараме нашата професија, таа нè одбира нас! Уметник и уметноста на било која точка од планетата земја, доколку природата на умот те повикува. Економските придобивки се само последица на нашата работа и посветеност.
Фотографијата во домот или внатрешното уредување?
Уметничките дела во мојот дом имаат посебна важност. Внимателно ги изложувам и комбинирам! Некои дела се постојани, како на пример во мојот ходник кој ги спојува поголемиот дел од просториите е именуван по мојот драг професор Јовица Мијалковиќ. Покрај официјалната табла со неговото име и презиме централно во просторот, ходникот го личат четири негови графики и три скулптури. Па така концептуално подредени и други дела (фотографии, слики) во останатите простории, постојани дела и променливи.
Денес сите имаат пристап до уреди со коишто може да фотографираат. Која е разликата меѓу професионален и хоби/аматер фотограф?
Да бидеш аматер не значи да бидеш дилетант, аматерот го прави тоа од едноставна чиста потреба -љубов, што не се разликува и од пристапот на професионалецот. Единствената разлика е во тоа што едниот има ценовник, а за другиот е бесценето….
П.С. „Тркалезни форми” е фотографски проект во постојан процес, којшто првото самостојно изложување го имаше во Берлин (Prima Centar Berlin, 2019), додека последното претставување, во колаборација со Кристина Крагујевска, во Венеција (Giardini della Marinamessa, 2020). Колекцијата „Тркалезни форми” ја сочинуваат повеќе од 50 портрети/дела, сработени во временски период од 2017/20 година.
П.П.С. Џолев и уметностите е школа за уметност и дизајн којашто веќе осма година по ред креира и организира програми во вид на академии, курсеви, обуки, предавања и работилници од областа на уметноста, дизајнот и науките блиски на уметноста.
Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена. Платформата е резултат на љубов помеѓу студентите, менторскиот кадар и менаџментот на Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“, со поддршка од Институтот за дизајн и технологија (ИДТ Скопје).