18
Јан

Made in Macedonia – Маријана Иванова

Кратко твит интервју со IMposter – Маријана Иванова, графички дизајнер/постер артист


Кажи ни нешто за себе?

Отсекогаш сум била опкружена со уметност, сите во моето семејство се талентирани и креативни од различни области на уметноста, и уште од мала бев убедена дека еден ден мојата професија ќе биде поврзана со неа. Експериментирав со цртање, сликање, релјефи, графика, фотографија, рачни изработки, и графиката ми остана како најголема желба, но кога дојде ред да се определам во која насока ќе го започнам високото образование дигиталната графика / графичкиот дизајн беше мојата финална одлука. Дипломирав и магистрирав на Националната Ликовна Академија во Софија на катедрата Плакат и визуелна комуникација, и сум среќна за мојот избор бидејќи освен за графички дизајн имав и многу традиционални предмети како сликање, цртање, графика, историја на уметност, педагогија кои ја заситуваа мојата глад кога сакав да се оттргнам од мониторот и да си ги извалкам рацете со боја или да научам нешто поразлично. Сега кога веќе работам full time како графички дизајнер многу ми недостасуват експериментирањата со техники, но се трудам да најдам време.

Зошто баш постер? Кое е твоето прво искуство со дизајн на постер?

Првите искуства со дизајн на плакати ми беа за настани и концерти во Виница кога имав 14-15 години. Конкретно, мислам дека првиот ми беше за фестивалот ‚‚Слободна Зона‘‘ кој почнавме да го организираме во 2009. Многу ми е забавно кога ќе се навратам на почетоците и ќе ги погледнам работите од гледна точка на веќе едуциран уметник и дизајнер, изгледаат многу поразлично.
Баш постер, бидејќи е на средината меѓу графика и модерните времиња и технологии. Традиција и иднина. Уметност и кауза.

Твојот процес?

Секогаш прво ја проучувам темата на која правам плакат, потоа се обидувам да ги извлечам клучните симболи, правам скици како ќе бидат вклопени визуелните елементи и на крај следува работата на компјутер. Некогаш процесот трае неколку часа, а некогаш неколку седмици, секогаш задолжително проследен со музика, која е неразделен дел од мојот креативен процес, и воопшто од денот.

Постер и декор на дом или твоите постери и внатрешното уредување?

Многу од моите постери и неколку слики веќе се вдомени, и секогаш се по избор на самите луѓе кои изразиле желба мое дело да биде дел од нивното секојдневие.


Постерот е љубов, хоби, работа или ….?

Сѐ од наведеното + мотивација, составување сложувалка, умствена вежба, изразување став…

Дали си уметник со целосно работно време? – дали си full time artist или работиш и нешто друго?

Пред 6 години почнав да работам како фриленсер, а веќе скоро 3 години сум графички/рекламен дизајнер со целосно работно време. Надвор од работата работам и на други проекти по нарачка, но секогаш наоѓам време да креирам и плакати како што често велам јас ,,за душа‘‘, на теми кои ме интересираат, без да ми бидат наметнати од клиент.

Дали сметаш дека имаш посебен стил и ако да, како го пронајде? Дали стилот се менува со тек на времето и како, зошто?

Сѐ уште не можам да согледам, иако често добивам коментари дека имам посебен стил. Секој еден плакат го креирам независно од другите и си е историја сам за себе, но кога ги разгледувам во ретроспектива некогаш забележувам периоди во кои имам користено слични бои и тонови, визуелни и технички стилови, дури и теми. Стилот, или во мојот случај периодите мислам дека се менуваат и зависат од моите емоции и интереси, а некогаш се под влијание и на новитетите во општеството, уметноста и културата.

Креативна криза и како ја надминуваш?

Не се сеќавам дали некогаш сум имала креативна криза, бидејќи секогаш имам многу повеќе идеи отколку време за реализација. Секој аспект од секојдневието може да биде инспирација за дело.


За наградите и дали ти значат?

Од 2017 почнав редовно да учествувам на конкурси, благодарение на кои моите дела се изложувани на над 100 интернационални изложби во 27 земји во светот. Добитник сум на 7 награди, ќе издвојам да ги спомнам: првата награда на конкурсот за плакат на Биеналето за дизајн во Перу во артистичната категорија за мојот плакат за ,,Тетовирање‘‘– Лима, Перу (2019), прва награда на конкурсот за плакат „Работа во 2030 г.“ – Потсдам, Германија (2018) и втора награда на конкурсот за плакат на тема: „70 години Димитровград“ – Димитровград, Бугарија (2017). Сите награди и учества ми значат многу бидејќи се резултат на многу работа, мислење, анализи и време поминато во создавање на дела, и наградите се едно признание и поттик да продолжам да го правам тоа што ми е најголемо задоволство.

Уметници кои влијаеле на твојата работа?

Можеби потсвестно влијаеле, но најмногу им се восхитувам на Aлфонс Муха, Егон Шиле, Бекшињски, Баскиjат, Фукуда, а од поновите генерации фан сум на Maks Bereski (Plakiat), Patryk Hardziej, Patrycja Podkoscielny…