Made in Macedonia, Никола Пијанманов
Долго интервју со Никола Пијанманов
Здраво Николa! Tи благодарам што издвои дел од твоето драгоцено време за да разговараш со нас, навистина го цениме тоа. За почеток, кажи ни сè што сметаш дека е релевантно за приказната за уметникот Никола П.?
Мислам дека уметноста е начин на живот, тоа е еден вид постоење, таа не е професија, ниту е нешто кое го работиш по служба. Уметноста е творење и вдахнување непрестано, цело време, дури и вон времето. Нема од толку до толку, од 8:00 до 16:00, не постои работно време, секој миг е потребен. Таа е како воздух, или дишеш преку неа или не. Може цела ноќ да ја поминеш креирајќи едно парче платно, дрво, неколку милиметри. Борба за милиметри е ликовната уметност. Мора просторот кој ти е зададен да го осмислиш беспрекорно и перфектно, како космос. Форматот е за тебе безпросторен, тој се шири низ бесконечноста колку што е поискрен и пожесток творечкиот процес. Тука нема блефирање и глумење. Но, никогаш не се фиксирав само за ликовната, сите уметности се подеднакво значајни за да го оформите вашиот ликовен свет. Уметниците кои читаат, ги следат драмските уметности, филмот, музиката, философијата, се далеку подлабоки и суштински од оние кои не го прават тоа.
Јас се школував во Скопје, од Средното уметничко кое ми остави неизбришливи траги, преку ФЛУ Факултетот за ликовни уметности, и работата во ателјето на Владимир Георгиевски. Но, вистинската борба почна кога останав сам. Јас и она кое сакав да го направам. Не може да се научи „главното“ во сликарството. Тајната не е запишана никаде. Она кое го носи секоја личност како посебност, како неповторливо нешто. Тоа и е вистинската и автентична оригиналност која го дели еден уметник од друг, една епоха од друга. Не верувам во „современост“ според формули. Нема тренд кој може да ја фиксира уметноста за едно време. Современ ликовен уметник е секој оној кој твори денес, целиот посветен и предаден на идејата за која согорува додека твори. А тоа се осеќа ако го има, во делото. Затоа што многу успешни современи сликари се избришани од времето кое е најсуров судија на вредностите.
Штом имаш идеја за слика, што е следно? Дали природата на сликата одредува каков медиум, техника ќе користиш за да ја реализирaш? Ако можеш да ни дадеш увид во тоа како се справуваш со креативниот процес?
Точно така, природата на сликата, како што кажавте е многу значајна за да се реализира едно дело. Ако нема идеална синтеза помеѓу она кое можете да го направите и материјалот во кој тоа го изведувате, ништо нема да излезе од првичната замисла за делото, колку и таа да била генијална. Сликарството е идеална реализација на идеја во материјал. Материјалот е нешто кое секој автор го осеќа на посебен начин. Има сликари кои не можат да се изразат во колоритноста, но затоа се фантастични монохромни цртачи или сликари. Во еден случа,ј толку не можев една идеја да реализирам во било каква сликарска техника, па решив да ја направам во железо, во вид на скулптура. Исто и димензиите на делото, и тие како и техниката се зачнуваат во самиот модел, самата визија за делото. Автори кои творат минијатури и автори кои се посветуваат на монументални формати. Битно е да се разбере дека просторната големина на делото доаѓа одвнатре, не се мери со Евклидовски димензии и пресметки. Кле е голем сликар иако слика на формати големи како дланка, но Лубарда е исто така огромен, не само заради тоа што слика огромни формати. Клучно е секој уметник да го најде својот јазик, за да се изрази како што сака.
Креативниот процес е алхемија, би го поделил на два паралелни правци низ кои се движи работата. Едниот е техничкиот, она за кое погоре спомнавме, се бориш да ја ускладиш замислата со реализацијата и со природата на материјалот. Ако го погодите материјалот, тој самиот дава чудесни резултати. Јас сакам да експериментирам, не се задоволувам со технологија по еден рецепт. Но, затоа често ми се случува од нескладни материјали да се појават несакани ефекти, отпаѓање на слоеви, оксидација…Цената на експериментот ја плаќа сликата. Но, не ми е жал. Творечкиот процес е движење, не статика. Вториот правец е духовниот. Максимална концентрација и посветеност на идејата. Една дело во целост може да биде реализирано само ако сте со цело битие внесени во процесот на неговото создавање. Сé друго е само обид. И да, бара многу жртви и самооткажување.
Главата на Јован Крстител – темпера на панел 110х90 см.
Дали сликарството за тебе е конфорна зона, зона која те изолира од неубавите работи?
Премногу е да се каже комфорна зона, постои една нестабилност во креирањето. Таа доаѓа од самото пробивање на границите на светот, несигурност, сомнеж…Постои жестока борба, како пеперутката која се одделува од лепливата пајажина. Не е секогаш така пријатно и комфорно во ателјето. Уметникот е како рудар, тој мора да се пробие низ окното за да ја врати скапоцената руда. Но, секако дека творечката креација е врв во достигнувањето кај секој уметник! Не самото дело, туку процесот. Јас сум сигурен дека повеќето творци го помнат денот, мигот кога креирале и биле во творечки занос, повеќе од денот кога делото е изложено во галерија. Творечкиот занос не е оној занос кој често го среќаваме во форма на суета, самољубивост, се работи за позитивен занос, одлепување од калта на секојдневието и неговите проблеми. Се сеќавам на сцената од филмот на Форман, Моцарт е во фаза кога сé се распаѓа околу него, сé пропаѓа, бракот, татко му умира, нема основни средства за преживување. А тогаш го твори интрото на Реквием. Се исклучува тотално од времето. Каква величенственост и преобразување на светот. Која метаморфоза на бедата од која генијот се одлепува и преминува во Вечност!
Како уметник кој работи во визуелното царство, дали можете да ни откриеш кои се најважните инспирации и влијанија врз твојата работа кои не се визуелни?
Секако музиката, Арво Парт, Густав Малер, Пасиите на Бах, хорските дела на Прајснер, Рахманинов, големите класични композитори за пијано, поезијата на Рилке, Борхес. Разговорите со моите пријатели уметници, екипата со која работиме театарски претстави. Долгите прошетки низ шумите, мојата градина. Книгите на Николај Берѓаев, Томас Ман, автобиографските и биографските романи без кои немаше да се занимавам со уметност. „Жед за живот“ и „Агонија и екстаза“ на Ирвинг Стоун, писмата на Ван Гог, автобиографиите на Бенвенуто Челини и Мештровиќ, поуките на Роден и Антуан Бурдел за животот и уметноста, „Вајање во времето на Тарковски“. Текстовите кои ги пишувам за списанието Премин, а преку кои ги истражувам и осознавам човечките предизвици на ликовните мајстори низ времињата, невремињата.
За подобро да ја разбереме личноста на Никола уметникот, може да ли да се ѕирне зад завесата? Дали може да споделиш приказна од сопствен живот, приказна за која сметаш дека придонела за обликување на личноста, а со тоа и уметникот што си денес?
Пораснав во фамилија во која немаше уметници, но имаше многу слики по ѕидовите и книги во библиотеката. Татко ми е страстен читач, тоа го наследи од неговата мајка. Немав абер од ликовната уметност до моите четиринаесет години, повеќе сакав да пишувам и читам. Мигот кој нема да го заборавам целиот живот е следниот – На МТВ го даваа „Жед за живот“ на Винсент Минели, првата екранизација на истоимениот роман на Ирвинг Стоун. Го гледав со татко ми кој ми објаснуваше патем, до детали, кои се импресионистите, кој е Ван Гог, Гоген. Тука се запали кај мене нешто кое не можам да си го објаснам. Просто најдена беше формата на мојот израз. Преку филм! Од тој миг, филмската уметност е исто така нешто без кое не можам да го замислам мојот живот. Дали толку ме погоди лудоста на Винсент ван Гог, и неговиот подвиг, не знам. Тоа беше мојот прв модел за изгледот на еден уметник, за Дон Кихот, за човекот кој се жртвува за нешто големо. Поголемо од тоа, само да постоиш во некој форма. Маченик, Христос, Прометеј. Истиот лик покасно го пронајдов во уметникот Владимир Георгиевски. Во секој случај, уште во почеток го разбрав ова: Второстепена е мисијата на уметноста да украси и естетизира некое место, некој зададен простор. Првичното е во тоа да се каже вистината, да се пренесе духовниот подвиг на творецот врз публиката. Уметноста е вера! Таа ги менува одвнатре луѓето побрзо од образованието. Во уметноста има нешто пророчко, мисионерско. Таа е духовна определба.
Ева (детал од полиптих) Мироносица, акрилик, медијапан 100х90 см.
Кажи ни како дојде до соработка со Климе Ковачески за реизданието на сингл „Премин“ на групата „Анастасија“, и за соработката со групата „Мизар“ за корицата на албумот „Униније“?
Соработката со групата Мизар е нешто долго подготвувано, во мене. Целиот живот го поминав со нивната музика, текстови и естетика. Мизар е цела една култура, не само бенд. Тоа е ѕвездата на небото на македонската уметност. Соработката со Горазд Чаповски се отклучи самата по себе, тој ја пронајде неговата музика во моите слики, како што јас со години ја барам мојата слика во нивните песни. Природен и органски круг кој се затвори со омотот за албумот „Униније“. Со Климе пак, ме поврза поранешниот фронтмен на Тело Наука Совршена, Ѕвонко Наумоски. Климе е човек кој долги години живее во Америка, а пред да оди таму зад себе ги остава Падот на Византија и почетоците на Анастасија, каде свири гитари на првите најкултни песни за бендовите. Тој сака и успева во тоа да ги ребрендира почетоците на Анастасија, да ги реактивира и мастерира првите изворни демо снимки на бендот. Младите генерации да се запознаат со чудесиите на раната Анастасија. Да разберат што значи таа музика. Сликата која ја работев за омотот се вика „Премин“. Тоа е мигот на преминот на душата која ита преку границите на овој свет, преку видливото кон совршенството, кон Еденската градина. А таму стои расцветано дрво кое трепери.
Омот на Мизар за Униније
Кажи ни нешто за твоите изложби?
Моите, како и изложбите на сите сликари се зависни од просторот, квалитетот на просторот во кој се изложува, организацијата и курирањето на изложбата. Во Македонија изложбите се сеуште бесплатни. Го знаевте тоа? Да, секоја уметност е платена и субвенционирана во својата подготовка освен ликовната. Тука си среќен ако добиеш нешто за скромен каталог. Се надевам дека приватните галерии ќе го променат во иднина тој стереотип и ќе се организираат изложби на високо ниво. Самостојната изложба е значајна во случај да немате сопствен простор (а речиси никој нема) во кој ќе ги закачите своите дела на едно место и тие ќе комуницираат со публиката. Порано, старите мајстори тоа го правеле во своите ателјеа. Секоја изложба е голема радост! Споделување. Изложбите обично се прават со цел да се заокружи еден циклус, фаза, период во кој сте твореле посветено на некоја тема или идеја. Но, не мора да е така. Спонтаните изложби се исто убава свеченост во која го реконструирате своето ателје, својот штафелај, најличното и интимно доживување со сите! Изложбите се празник на сликарството!
Заборавено место, масло на панел 100х80 см
Идеален ѕид за твоите слики е во нечив дом, јавен простор, галерија …?
Да се пронајде идеалното место за сликата е сон на секој сликар. Просторот премногу влијае врз животот на сликата. Пред неколку векови било неверојатно, речиси невозможно да создадете дело без однапред одредено место каде тоа ќе биде поставено. Јас го сакам јавниот простор, каде делото може да комуницира со сите. Но, интимноста и кревкоста на сликарството бараат безбедни, затворени места. Скулптурата е помоќна, поадекватна за јавни места. Сакралното сликарство функционира во храмовите како перфекција! Но, само католичката црква дозволува и ги поддржува современите автори да ги постават своите дела во храмовите. Можеби на крај, идеалното место за една слика е онаму каде ќе има најголема љубов кон неа. Во домот на некои искрени колекционери.
Кое би било твоето идеално студио/простор за работа?
Она ателје кое во моментот го имам и кое го изградив со свои раце. Далеку, во шума, во постојана тишина и мир. Од прозорците задолжително мора да се гледаат гранки, листови, стебла од дрвјата.
Зима, масло на панел 100х90 см.
За соработката и влијанието на Владимир Георгиевски и односот учител и ученик.
Јас прв пат го научив значењето на поимот ателје, кога го запознав него. Ателјето на учителот Владимир беше отсечка од светот. Тоа не е обична сликарска работилница која мириса на терпентин и маслени бои, туку естетска и духовна лабораторија. Тоа катче во строгата форма на зградата од архитектонскиот факултет беше издвоено со некоја необјаснива аура. Како средновековна работилница на некој неимар, градител на катедрали. Кога во позадината одеше реквиемот на Брамс (од кого друг ќе знам за реквиемите на големите композитори, ако не од него) тој разговараше со композиторот, музиката не беше само некој фон или позадина пред која се одвива секојдневието. Туку основа! Сликите не се само декор за домовите и празните малограѓански ѕидови, туку суштина. Таму научив дека сликите самите по себе се дом, архитектура, пештери полни со крвавите дланки на човештвото. Денеска сé се сведува на креативните индустрии, инстант решенија, дизајнирање на комфорниот дом. Да, можеме и да кажеме дека сликата е илузорна, дека таа вистински и не постои откако ќе се реализира во производ, ќе биде врамена и закачена како и секој друг предмет. Како часовникот на ѕидот. Но, творечкиот пат до неа, творечкиот чин не е илузија! Тоа е самата вистина која нé прави достојни на Бог и неговата креација. Книгите на Достоевски не се исполнување на слободното време, туку цела религија. Кај него научив дека ако сакаш да бидеш уметник треба да се откажеш од сé! За да задобиеш сé. И тука жртвата е голема, не постојат никакви калкулации. Ме зарази засекогаш со мечтаењето по Вечноста. Уште разговарам и философирам со него во моето ателје. Бескрајни разговори. Целиот живот мислам дека овој свет е нешто кое само ни се причинува. Дека она, вистинското, или неосетно поминало, заминало, или допрва ќе треба некогаш да се појави. Во сé чувствувам привременост…По неговата смрт, сфатив дека сетилото за привременост е всушност она со кое ја насетуваме бесмртноста. Уште се стрепнувам пред секоја завршена слика, што ќе ми каже овојпат? Готова ли е сликата за покажување? И уште верувам дека е подобро да ги оставиш незавршени, во еден агол барем недовршени, затоа што така се поблиски до животот. Така дишат. Завршеноста на едно уметничко дело значи и негова сигурна смрт.
За „Тешкото“?
Сликата „Тешкото“ е крик и мој протест против состојбите во светот и нашето општество. Тоа е танц до смрт, до самозаборав. Тешкото е победа над болот со игра. Раскинување на чемерот и маката. Плач! Трагите од крвави дланки врз инструментите во сликата се печатите на нашата историја која никако да се претвори во иднина. Кога ја сликав, осеќав како се фиксира најлошото, бигорот од историјата и се скаменува засекогаш во сегашноста. Каде одиме? Каде завршува овој танц на болката? Речиси сите луѓе кои ги познавам се иселија од земјата последните пет години. Во име на таа разделба и ја насликав оваа слика. Но „Тешкото“ е и распукнување на болот. Мудриот Блаже Конески добро го забележа тој момент. Тоа е танц кој врши продор преку лошата енергија и преминување преку катарза на трагедијата во нова реалност. Овојпат прочистена и просветлена. Човек како да умира во него и повторно се раѓа.
Тешкото, ком.тех. на платно 200х180 см.
Како што се движиме низ животот, ние продолжуваме да растеме и да се менуваме. На кој начин еволуира твојата работа откако почна да се професионално да се занимаваш со сликарство?
Еволуира во техничката совршеност, но често дееволуира во некои суштински поенти. Сакам да кажам дека патот на уметникот не е рамнолиниски. Кога ќе погледнам дела од пред десет, дваесет години, се прашувам каде се губи спонтаноста и чистотата на непосредноста. Дали стануваме поисплашени? Нé нагризува ли прозата на секојдневието? Тоа е она од кое мора да стравува секој уметник ако сака да остане свеж и доследен до крај! Најголемиот непријател на уметноста е млакоста и досадата на животот. Берѓаев кажа – „Само уметноста може и ќе ја победи досадата на овој свет!“ Многу често историјата на уметноста бележи огромни успеси во почетните кариери на уметниците и падови во подоцнежните. Но, тоа не значи дека можеби најголемото, најзначајното, она за кое сте се родиле и за кое постоите, ремек дело, ќе биде создадено на крајот од нашиот творечки пат. Искуството е големо нешто, но тоа не е сé! Кога е дрвото витко, тоа не се крши од ветрот, кога ќе окрути, пука од првата бура.
Кога би можеле да поседуваш некое уметничко дело од светските колекции, што би било тоа и зошто ?
„Монасите одат на молитва во разурнатиот храм“ од Каспар Давид Фридрих. Не може да помине ден, да не ја гледам оваа фасцинантна слика во која е сместен целиот Универзум. Тоа е една од оние слики кои ги поминуваат границите на сликарството и преоѓаат во чиста духовност, во екстаза. Неговото сликарство е храм во кој се случува средба со Бог!
Уметник/уметноста во Мк?
Како и секаде на овој свет! Која надворешна ситуација може да го промени текот на вашиот дар за израз, за креација? Луѓето најмногу твореле во кризи, војни, чудовишни општества, чуми и пандемии, сиромаштија и беззаконие. Па, зошто не би можело и овде да се твори, во овие услови? Ако зборуваме за организирање на културата и уметноста во Македонија, таа мора да се децентрализира веднаш! Не само на дебати, стратегии и планирања, туку вистински и суштински. Децентрализацијата е суштинска потреба, која мора да се имплементира ако сакаме барем еден уметник да остане во нашите запуштени и напуштени места, мали градови и села. Уметниците по природа се осамени луѓе, тие творат на маргините. И секое творештво е створено на работ од некоја заедница. Затоа верувам дека и на овој раб од Европа, ќе опстојат големи творци и ќе создадат големи дела кои ќе истраат низ минливоста на времето и прашината на заборавот. Овде е претешко да продадеш дело, на начин како што тоа се прави во светот. Меценството е исто така нешто кое одамна не функционира. Стихијни се животите на културните дејци. Но, еве го и примерот со Ван Гог, да се сетиме, неговата најголема тага не е во тоа што не успевал да продаде слика, туку во тоа што немал кому да ја подари. Нека стои неговиот пример, да се потсеќаме, кога се жалиме за нашите неуспеси.
Повеќе за Никола на неговата вебстрана.