01
Јун

NEXT GENERATION, Made in Macedonia, Јасна Николова – te.tsu.o

Кратко интервју со Јасна Николова – te.tsu.o, илустраторка и дизајнерка

Кажи ни нешто за себе?

Дизајнер и илустратор кој сеуште се пронаоѓа сама себеси во водите на уметноста. Ја привршувам последната година од студиите на насока графички дизајн, а воедно сум член и на новосоздадениот колектив Пркос со група извонредно талентирани млади автори и пријатели. Ме влечат многу полиња во дизајнот и уметноста, до степен каде што полека се нурнувам и во водите на анимацијата, но на многу по лабав начин. Сакам предизвици – иако на моменти ме плашат – и секогаш се обидувам на секоја проблематика да и пристапам од повеќе креативни агли.

Кога прв пат почна да црташ, илустрираш, и во кој момент сериозно помисли да се занимаваш со илустрација, дизајн, анимација?

Од дете цртам и во најраните години освен креативните работи како книгите, филмовите и стриповите немав нешто друго што ме интересираше. Сé тоа беше поддржано од дома бидејќи имам еден родител уметник, со чија поддршка успеав да се запишам во средното уметничко училиште Лазар Личеноски. Матурирав на насока мултимедиски дизајн, по што решив дека не припаѓам во друга сфера како што припаѓам во уметноста, и од таму произлезе одлуката да продолжам со студии по графички дизајн. Би рекла дека краткиот стрип “Soul Chaser” кој го изработив во четвртата година од средното образование беше можеби и најголемиот порив за посветеноста кон дизајнот и илустрацијата како кариера.

Како би им ја претставила својата работа на читателите?

Мислам дека најмногу сум посветена на наративна илустрација и карактер дизајн. Графичкиот дизајн сеуште игра улога во моето творештво, но понекогаш повеќе од аспект на имплементирање на дизајнерска теорија во своите дела. Генерално голем дел од моите дела се илустративни и наративни, па можеби и затоа повеќе ме влечат печатените медиуми од графичкиот дизајн како постер дизајн, дизајн на книга и слично.

Во личното творештво најмногу се изразувам преку илустрацијата и стрипот, а периодов делумно и преку анимација, иако се сметам сеуште за почетник во тоа поле. Стрипот од секогаш играл важна улога во мојот живот – уште од дете – и навистина имам голема пасија кон него. Активно ја следам стрип сцената и имам работено на неколку кратки стрипа, а моментално пишувам сценарио за едена малку подолга графичка новела.


Кој карактер би го избрала како сопствен аватар?

Хаха, интересно прашање. Но, немам баш конкретен одговор, би рекла дека сите карактери кои до сега ги имам дизајнирано можеби носат мал дел од мене во себе. Обично, работам стилизирани автопортрети неколку пати во годината, зависно како се имам променето како личност, или како ми се има адаптирано стилот.

Твојот креативен процес?

Секое дело бара малку по различен пристап од претходното. Зависно и како се чувствувам во моментот, скици за моите дела можам да работам во скечбук, дигитално, да фотографирам субјект кој ме инспирирал или да најдам некое расфрлено ливче и на него да шарнам.

Некои други дела пак, бараат повеќе скици и подетална обработка во тој brainstorming период од други. Обично повеќе време посветувам на изготвување на композиција и баланс во делата, независно дали било илустративно или дизајнерско. Сепак, да се види процесот од првичната скица до финалниот продукт е секогаш интересно.

Дали ги користиш твоите илустрации, цртежи, како декор во домот?

Многу ретко. Имаме неколку слики во домот кои се мои дела, дела на татко ми и на пријатели, но ги нема во голем број.


Имаш искуство и со цртање на стрип. Кажи ни нешто повеќе, сподели некоја табла.

Бидејќи татко ми е стрип цртач, од дете бев опкружена со стрипови. Како што повеќето деца во Македонија доаѓаат во контакт со стрипот преку насловите на Бонели, така и јас започнав со читање на стрипови од типот на Дилан Дог, но брзо се префрлив на други стрип школи како франко-белгиската и јапонската.

Последен стрип кој го имам сработено беше стрип од една табла на тема анкциозност во соработка со работилницата за општествено ангажиран стрип во 2019-та година. За мене стрипот е многу захтевна работа и навистина бара голема посветеност, не само кон цртежот туку особено и кон сценариото ако сте и цртач и сценарист на истото дело.

Омилен стрип и зошто?

Тешко е да се даде таа титула на само еден стрип, а истовремено и вкусовите се менуваат. Имам поминато низ многу „омилени“ стрипови во животот. Стрип дела кои можам да ги одвојам како влијалителни врз мене се серијалот Hellboy на Mike Mignola, Notes for a War Story од Gipi, White All Around од Wilfrid Lupano и Stéphane Fert и за крај, серијалот Akira на Katsuhiro Otomo. Сите овие дела тематски и стилски се разликуваат едни од други, а ги издвојувам како влијалитетлни бидејќи во мене пробудиле нешто што ме натерало да се приврзам со нив.


Дали те привлекуваат други медиуми и техники на изразување?

Самото тоа што студирам на дизајнерски факултет бара од мене експериментирање во различни медиуми. Зависно како сум расположена и на што се посветувам повеќе во одреден период, знам да си го променам начинот на творење. Имам работено во голем број различни техники, од фотографија до сликарство, и благодарна сум за приликата да ги искусам истите.

Кои игри, филмови, стрипови, музика или др медиуми те инспирираат најмногу?

Повторно не можам да одвојам само неколку. Навистина се инспирирам од скоро сé во животот, не се ограничувам себеси во одредени жанрови на музика или филмови, конзумирам сé што е добро и квалитетно сработено. Уживам во сите видови уметност бидејќи според мене, тие нé хранат на духовно и интелектуално ниво.

Планови?

Дипломска, проекти со колективот, малку одмор со пријателите и семејството. Изминатава година беше тешка за сите нас – за кого помалку за кого повеќе – и навистина ме освести дека најважното во животот се луѓето кои ни се најдраги. Колку и да сум вљубена во уметноста, сепак е тешко кога немаш со кого да уживаш во нејзе.

Повеќе информации за Јасна на нејзиниот профил на инстаграм и на behance.