07
Мај

NEXT GENERATION, Made in Macedonia, Сара Станоеска

Кратко интервју со Сара Станоеска, графичка дизајнерка

Тарот е шпил карти за играње, што се користи од средината на 15 век во различни делови на Европа за играње игри како италијански тарокини, француски тарот и австриски Кенигруфен , од кои многу се играат и денес. Кон крајот на 18 век, некои шпилови на карти тарот почнаа да се користат за гатање преку читање тарот картите и картомантија што доведува до развој на обични шпилови за „окултни“ цели.

Tарот шпил има 78 карти и е поделен на два дела: голема аркана (големи мистерии) и помала аркана (што значи помали мистерии). Постојат 22 карти големи мистерии (аркана), и тие имаат тенденција да се занимаваат со големи животни настани и теми, на пример, врски, кариера и љубов. Шпилот содржи и 56 карти мала аркана.

Сара е студентка, графички дизајнерка и самоук уметник кој меѓудругото црта тарот карти. Зошто тарот?

Сакав да започнам поголем проект преку кој истовремено ќе ги истражувам личните интереси и ќе се фокусирам на усовршување на конкретна вештина. Тарот картите ми дозволија да навлезам во Јунговскиот аспект на интерпретација на нивните симболики, преку кои низ визуелни репрезентации направив обид за изнесување на сенката – архетипот на несвесното. Додека, пак, од технички аспект, стилот во кој се илустрирани картите (црно-бели, антропоморфизирани претстави, налик камени статуи кои се претопуваат во белата позадина) ми помогна да се фокусирам на проучување на светлина и тонови.

Дали се сметаш себеси за „креативна“?

Мое убедување е дека креативноста е вештина која ја поседуваат сите луѓе и постојано ја користат – било тоа да е при замислување како да го поминеме денот, какви очекувања градиме од одредена ситуација, во што се убедуваме себеси дека сме способни – креативноста постои надвор од ограничената дефиниција на уметничко изразување. Сите сме креативни.


На што работиш моментално, што те иснпирира, возбудува?

-Моментално правам пауза од довршување на тарот шпилот и во меѓувреме сакам да експериментирам со правење на похрабри чекори со боја и светлосен контраст во сликањето. Инспирација можам да најдам во се, доколку e соодветно контекстуализирано, но како главен двигател на моите креативни идеи ја сметам природата.

Како знаеш кога некое дело е завршено?

-Мислам дека одговорот на тоа се крие повеќе во прашањето како започнува едно дело. На пример, јас секогаш започнувам со некакво чувство, идеја која сакам да ја искомуницирам, која потоа зазема форма додека работам на неа. Ако однапред одлучиш конкретно што сакаш да создадеш, делото станува празно и вештачко. После тоа е само прашање на систематско поминување низ сите технички фази на изработка додека идејата се материјализира на платно/хартија.


Дали мислиш дека уметниците имаат моќ да го променат светот преку уметноста?

-Уметноста игра огромна улога во тоа на што сме изложени во нашето секојдневие, а со самото тоа, што се интегрира во суптилностите на нашата (локална и глобална) култура. Тие суптилности потоа потсвесно диктираат што перцепираме како „добро“, „нормално“, „убаво“, „прифатливо“. Така што, да, верувам дека можеби не самите уметници, но уметноста и начинот на којшто комуницираме со неа ја имаат таа моќ.

Како би го опишала твојот пристап кон дизајнот?

-Најдобро работам кога заземам интуитивен пристап. Кога премногу размислувам, анализирам и расклопувам на делчиња, тоа ми помага да разберам нешто што веќе постои, но кога создавам, најчесто поаѓам од тоа како се чувствувам за одредена тема, со што ја асоцирам и како замислувам дека конкретна публика би се поврзала со истата.


Кој или кое е најголемото влијание врз твојот начин на размислување?

-Медиумите на кои сум изложена, уметници на кои се огледувам и мојата општа бунтовност против застарените начини на размислување. Ставање се под прашалник и потоа одлучување што има смисла за мене а што не.

Која е твоја најсилна вештина и како си ја усовршила таа вештина низ годините?

-Во техничка смисла – сликањето (дигитално и традиционално), бидејќи е медиум кој најсоодветно кореспондира со начинот на кој визуелно размислувам. Не сум имала формално уметничко образование, па секогаш се потпирам на активно барање на инспирација, туторијали и совети од поискусни уметници. Хипер-свесноста за сопствените слабости ми помага да знам каде најмногу ми е потребно подобрување. Потоа се е само часови вежбање и работа.


Повеќе информации за Сара на нејзиниот профил на ArtStation.