18
Сеп

NEXT GENERATION, Made in Macedonia, Дејан Давчевски

Кратко твит интервју со Дејан Давчевски

Твојот прв цртеж/слика/ѕид?

Мојот прв цртеж, е некаде на 10 години. Желбата можеби е и постара, бидејќи од секогаш сакав да цртам. Мојата прва слика и дело беа во средното уметничко училиште и тие мали чекори и експерименти ме натераа да го откријам и развијам мојот ликовен ракопис.

За ѕидовите и графитите/муралите

Ѕидовите и муралите најмногу ми се допаѓаат бидејќи се лесно допираат до секого. Немам рамки, ни ограничувања, тие се како големо платно на кое можете што сакате да направите. Се повеќе и повеќе се прифатени и кај нас. Честопати цртањетосо колегите го  правиме во слободно време, со наши финансии и буквално за душа.

За Скопје?

Скопје во изминативе години, сметам дека доби неколку улични галерии. Народот секако сè уште чудно ги прифаќа муралите, но како поминува време полека ги гледа позитивно. Скопје е побогат со мурали и шарени ѕидови, не само да го покрие сивилото, туку да и нè израдува нечија  човечка изработка.


Колку долго трае креирање на еден мурал?

 Времето за креирање  на еден мурал зависи од големината на истиот. Доколку и уметникот има предходно искуство, тој секако побрзо ќе ја заврши работата. Но доколку е големо дело, може да се работи од два дена па се до една недела, се зависи од комплексот на цртежот.

За публиката?

Кога станува збор за мурал секој го гледа па секој различно реагираа. Поголемиот дел позитивно реагираат бидејќи се луѓе кој живејат во таа околина и сакаат да ја видат малку почиста и разубавена. Интересот за да се купи е мал, и затоа повеќе има надвор уметност отколку што во галериите, и народот нема навика и интерес за посета на галериите.

За изложбите?

Изложбите во Скопје се „мал“ предизвик, но има конкурси и повици на кои секој млад човек кој твори, може да се пријави, престави и реализира. Сè е до самиот човек, колку вложува и колку сака да твори. Не можам да кажам дека е лесно, тежок е патот; но сметам дека ако се има желба може да се постигнат многу работи.


За формата и бојата/боите?

Мојот начин на работа се потпира на формите и боите, верувам дека се предизвик и креативност. Сметам дека може да се креира одреден приказ со помалку детали. Преферирам да ги користам основните бои, за поискрен приказ и се насекаде околу нас; некако се почнува со нив.

Влијание? Кој/и уметници влијале врз твојата уметност?

Инспирацијата ми е секојдневниот живот, луѓето со кои сум секој ден, кои ме подржуваат и барем се обидуваат да ме разберат. Влијанието се дефинитивно графитите, гледајќи ги делата на уметници како Adam Daily, Roy Lichtenstein, Banksy, Keith Haring. Тие се позначајните што можам да ги издвојам, имаат влијание врз мојата уметност, бидејќи биле и првите уметници кои како помлад сум ги гледал и прател што правеле, но и денес ги следам што прават. Секој од нас има некаков идол, или само е обожавател на неговите дела, тоа не прави луѓе, се надевам дека еден ден и јас би бил инспирација на некоја помлада генерација од мене.

Твојата уметност и внатрешното уредување?

Мојата уметност би ја нарекол геометриска апстракција, што не е само “шлаканици” што би рекле, туку обид и за прикажување на одредени ситуации, дали се тоа човечки емоции или естетски вредности. Со графитите го пронајдов сопствениот стил, бидејќи токму од тие внатрешни уредувања и цртање како декорација низ моите студенски деновиве за да поминам со цигари и пиво, јас попатно и сватив што сакам да правам и понатаму со себеси.


Уметник/уметноста во Мк? Дали може да се живее од уметност во Македонија?

Уметноста во Македонија сеуште е покажана со прст како помалку важна. Уметноста ја покажува културата во одредено општество, уметникот е само автор позади делото. Народот додека не го прифаќи тоа нема да се цени. Живеењето од уметност од финансиска страна тоа е потешка приказна, има луѓе тука кои живеат од тоа, јас лично сеуште неможам да кажам дека спаѓам во тој круг. Но секогаш може да се работи нешто поврзано со цртање или креативност па да се најде начин за финансии.

Успех?

Пред се да се биде успешен, треба да имаш и цел, кога еден човек трча по својата цел и има јасна визија за што сака да постигне, ќе биде среќен, и сам ќе се гледа како успешен. Доколку малку го потиснете егото, и парите се само мотивација не цел, нема да се откаже во тоа што е најдобар.


Повеќе информации за Дејан на неговиот инстаграм профил.