20
Јан

Интервју со Драган Гелев, сликар од Базел, Швајцарија

Можете ли да ни кажете нешто за вас, како станавте уметник?

Најпрвин Ви благодарам на дадената можност за разговор.

Јас сум Штипјанец чие тело веќе долги години живее во друга земја ( Швајцарија ) 🙂 Детството, адолесцентниот период и школувањето ги поминав во Македонија.

Пред 16 години се преселив во Базел каде и сега живеам и работам. Цртањето ми е одамна нешто кое отсекогаш сум го сакал, уште од дете. Тогаш можеби поради слободата да си играш со боите и како редовен предмет во школската програма, а сега игра која ти ја носи истата радост на душата од тоа подзаборавено време. Себеси никогаш не се нареков, ниту ќе се наречам уметник од за мене едноставна причина. Уметник е титула која се заслужува со страсно огромна работа и посветеност, а и како животна филозофија, но и секако школа или занает кој треба добро да го испечеш и изучиш. Јас немам ликовно образование и од почит кон тие што се школувале на ликовните академии сепак тие имаат повеќе право на таа титула. Мене ми е вака добро се додека она што го правам ме прави среќен.

Како би го опишале вашиот уметнички стил и што ја инспирира вашата работа?

Па, искрено, не мислам дека моите слики се дотолку созреани да се врстат во некој правец на уметноста, од една страна што јас сакам да експериментирам и да се надоградувам, но сепак влијанието на правците и уметниците кои јас ги почитувам или чие творештво е инспирација во мојата работа се сите дел од модерната или постмодерната уметност, од кубизмот, енформелот, апстрактната уметност, експресионизмот па до акционото сликарство : Кандински, Пикасо, Полог, Мазев. Од тука како појдовна точка некако си ја формираш својата идеја, мисла, преку нивниот поглед на видливото, да пронајдеш свој начин на претставување како самиот гледаш на нештата и формите. На времето во кое живееш и неговото пулсирање, на човекот и она што во себе го носи тој истиот денес.

Можете ли да ни дадете увид во вашиот креативен процес, од концепт до завршено дело?

Да незвучи нескромно, но јас цртам и кога спијам, милиони слики ми поминуваат низ глава до моментот кога на јаве го имаш платното пред себе. И скоро секогаш точно знам што сакам да насликам и како тоа треба да изгледа, кои бои ми се вклопуваат во таа приказна, но и не секогаш крајот ќе се заврши како што јас сум замислил. Многупати самата слика, самиот процес те води во тотално спротивна насока која незначи дека е лоша за разлика од првата која си ја замислил, но таа родила некоја своја нова убавина и сама си се довела до крајот на готовото дело.

Како пристапувате кон бојата и композицијата во вашата работа?

Така што ги користам оние бои кои ги имам во моментот 🙂 (се шалам). Боите се случуваат или дури и надоврзуваат сами по себе, јас лично сакам неприродни контрасти кои сепак имаат некоја своја заедничка убавина. Но, сепак, пресудна барем за почетокот на едно дело е мојата ментална, емоционална состојба на духот како причината да преку четките го забележиш и врамиш, запечатиш тој момент или период. Секое дело е печат на едно време и нем сведок за да не потсетува денес за она што поминало и дури понекогаш и даде правец на она што допрва доаѓа.

Можете ли да ни кажете дали некои конкретни слики или серии на слики имаат посебно значење за вас?

Да, целите творештва на Полог, Мазев, Пикасовиот кубизам, Лубарда, Миодраг Мича Попович и плејада други.

Како ја гледате улогата на апстрактната и современата уметност во денешното општестУметноста е секогаш сопатник рамо до рамо со времето или добата во која сега живееме, дури мислам и секогаш за бар педа пред се друго што е дел од сегашноста. Денешново општество доживува некоја можеби своја ренесанса со развивањето на дигиталната уметност, но, ќе видиме, времето ќе покаже а историјата ќе суди, критикува или фали 🙂 .

Дали и како ги вклучувате социјалните или политичките коментари во вашата работа?

И те како и не само сега, одсекогаш бунтовник со причина 🙂 . За мене и уметноста (не само сликарството ами сите други уметности) се најповолни за тоа. Искрено мислам дека уметникот е оној првиот кој треба да пркоси на едно време, треба да е оној првиот кој ќе ги разбуркува луѓето и нивните погледи кон животот и за бар малку поубав свет. Ова го мислам само затоа што уметноста не го менува светот со агресивност, нечовечност, мизерност, ами напротив преку убавината и спознавајќи ја истата да се обликува и надградува човештвото.

Мислам дека уметникот е оној првиот кој треба да пркоси на едно време, треба да е оној првиот кој ќе ги разбуркува луѓето и нивните погледи кон животот и за бар малку поубав свет.



Предизвици со кои сте се соочиле како уметник и како сте ги надминале?

Па мене единствен предизвик ми е да сам бидам на крајот задоволен од сработеното. Предизвик ми е кога преку себе и својата работа ќе успеам да откријам нешто ново или научам нешто подобро и поубаво. Една од најубавите моменти во целата работа е кога срамежливо сам на себе во душа ќе си признаеш дека ова што си го сега насликал ти ја наполнило душата и ти се допаѓа.

Како остануваш актуелен и продолжуваш да се развиваш како уметник?

Многу лесно и едноставно. Работам по 12 до 15 часови на ден а притоа успевам да бидам и татко, сопруг, другар, комшија.

Како ја балансирате комерцијалната страна на уметноста со креативната страна?

Лесно. Јас не работам слики по нарачки, не цртам свадбени портрети, несликам за да се збогатам материјално … мене нешто друго во сево ова ме богати. Но и убеден сум дека било кој што се бави со сликарство секаде во светот, посебно со авторска уметност нити размислува на комерцијалната страна знаејќи ја убавината на креативниот процес.

Единственото место преку кое секојдневно можам да ги прикажам моите слики е мојот единствен инстаграм профил @gelev.art

Нешто за ваши проекти или изложби што ги планирате во иднина

Во моментот работам на припреми за една изложба која треба да се случи летово и токму во Македонија за што сум посебно радосен. Враќањето дома е секогаш убаво. Се надевам дека ќе успееме, јас верувам во искрени луѓе и се надевам дека со тие со кои што јас сега работам на овој проект нема да го напуштат бродот непланирано. Паралелно со тоа исто со неколку луѓе се трудиме заедно да бидеме во чекор со културните збиднувања во моментов по Европа и така ќе видиме. Се надевам дека ќе биде плодна госина по бројот на гледачи кои ќе ги видат моите дела.

Дали и како користите различни медиуми и техники во вашата работа и што ве привлекува кон одредени материјали?

Како што кажав, најубаво ми е кога истражувам додека сликам, сум пробувал а и ден денес користам различни техники и материјали, бои за сликање. Еве пред некое време од еден мој пријател инаку академски сликар научив дека може да се користат и бои за дрво на платното и кога сето тоа сам го испробав и ефектот кој го видов и добив, се радував како мало дете на чоколадо 🙂 .

Дали сте имале било какви соработки или проекти заедно со други уметници?

Да. Јас бев дел исто така на една галерија од Берлин па учествував на една нивна групна изложба. Имам како што кажав во моментот соработувам со неколку луѓе со кои заемно си помагаме а и планираме заедничка соработка, изложби, проекти. А и сам продолжувам секако по овој пат по кој што одамна насмеан чекорам. Art is Life -Life is Art