26
Окт

Декор во домот – Павел Мише а.к.а. Cactus father

Употребата на кактусите за уредување на домот е секогаш во тренд. Ако имате домашни миленици или мали деца, преземете некои мерки за претпазливост кога користите кактуси во вашиот дом.

Неговото официјално латинско име Cactaceae доаѓа од грчкиот збор kaktos, што значи „билка со боцки, трња“. Кактусот е сукулент и обично се среќава во области склони кон суша. Ако ставиме кактус во услови на екстремна топлина во пустината и тој ќе преживее! Стеблата, телото и боцките/шилците на кактусите им помагаат да се приспособат на интензивната топлина на пустината. Во потрага по некој кој има знаење за кактусите и сака да го сподели со нас и вас налетавме на Павел а.к.а. Cactus father.

Кактусот е повеќегодишно растение, растение кое живее повеќе од две години.

Павел,  кажи ни нешто за себе?

Ви благодарам што ме поканивте да бидам дел од вашиот блог. Иако повеќето ме поистоветуваат со мојот идентитет како Cactus Father на социјалните мрежи,  во „реалниот“ живот по професија сум биохемичар во лабораторија за безбедност на храна, но, сепак мојата вокација за одгледување кактуси и сукуленти прерасна и во едно многу интересно хоби, а тоа е правење бетонски саксии за нив.

Од каде твојата страст за кактуси?

Сè започна кога за роденден на шега од другарите добив кактус, па читав како да го одржувам и ме привлече тоа што како растенија се многу самостојни и издржливи, а сепак и покрај нивната грубост во изгледот, според мене знаат да родат најубави цветови. Оттогаш, секојпат кога ќе погледнам кактус или сукулент кој е специфичен, знам дека местото му е меѓу останатите педесетина саксии кои ги имам дома.

Целосно израснат кактус Saguaro може да складира околу 757 литри вода кога врне. 


Дали отсекогаш си бил заинтересиран за изработка на бетонски саксии или имаше одреден момент што те натера да помислиш „Како Cactus Father, време е да им правам сам дом на кактусите“?  Што беше пресуден момент да почнеш да правиш сопствени саксии?

Искрено да ви признаам, најпресуден беше моментот кога пред три години требаше да го преуредувам дневниот престој. Лутајќи насекаде по продавници коишто се специјализирани – кои како студија за ентериери, а притоа барајќи саксии кои нема да бидат од пластика, керамика или метал. Јас сакав нешто несекојдневно и уникатно, нешто коешто не може да се купи секогаш и секаде.

Кај нас имаше мал избор на гипсени саксии, но самата природа им е порозна, лесно кршлива и често токсични за коренот на растенијата. Така се роди и мојата идеја за да си ја направам, за мене „идеалната“ саксија од бетон. Со ова конечно се споија мојата вистинска професија како биохемичар и искуството со растенијата. По неколку експериментални обиди, конечно ја создадов првата серија на бетонски саксии.

Бетонот како материјал си дојде сам по себе – еколошки, траен и флексибилен да се приспособи во различни големини и форми. Дополнително, неговата неутралност може да одговара во сечиј дом и со секоја палета во ентериерот.

Што се однесува до времето потребно за изработка на една саксија или нивна серија, тоа е исто. Целиот процес трае во идеални временски услови околу 7-10 дена. Од правење на специјалниот матрикс на база на бетон – до сушење и вадење од калапите. Потоа следува чекорот со брусење и поставување водоотпорна изолација што е многу важно за заштита на самата саксија, но и на самото растение. На крај остануваат дизајнот и боењето, кои се по желба на клиентот. Процесот е долготраен, но, крајниот резултат секогаш е вреден за целото посветено време, а и внимание.


Што го инспирира дизајнот на твоите саксии?

Како инспирација за дизајните понекогаш е доволно да видам некоја боја на обичен предмет. Понекогаш е некоја геометриска фигура или некоја текстура од природата. Тоа е нешто кое не можам да ви го опишам со зборови. Како некое внатрешно чувство, кое ме води.

Дали постои одредена саксија со која најмногу се гордееш?

Како беше изразот? „Јас прашале мајката кое дете ѝ е омилено“?

Имам многу, но како што се усовршувам во техниките за изработка, гледам секојпат да ги надминам сегашните „омилените“ со нови. 🙂

 Постојат околу 2.000 видови кактуси. 

Што е најголем предизвик во твојата работа?

Уф! Ова ми е малку болна тема, искрено, а верувам и на повеќето „крафтери“ и сите кои се занимаваат со рачна изработка. За мене најголем предизвик е набавката на материјалите кои ми се потребни за саксиите.

За жал, живееме каде што живееме, па така и продавниците – и добавувачите на материјали за мојата област се многу ограничени. Освен сувите состојки потребни за бетонскиот матрикс друго скоро сѐ е предизвик и приказна сама за себе. Најчесто тоа се масите за внатрешна хидроизолација кои треба да имаат специфични карактеристики, како што се нетоксичноста и високиот индекс на флексибилност. Имено, многу ретко ќе ги најдете кај нас, а после тоа ги нема. Поучен од ова, почнав да ги набавувам од околните, соседни држави.

На високото второ место е набавката или креирањето на калапите. Тие кои се фабрички достапни за нарачка од странство се фикција поради нашите царински мерки за да „долетаат“ во државава, а притоа без да ги изгубат или да се плати огромна сума за достава и данок. Поучен од ова, пак, дел од нив ги правам и сам од пластика, силикони или гума.

Истото и се повторува и со боите кои ги користам за дизајн. Не секогаш може да се користат стандардните, акрилни бои. Во странство има специјализирани бои за бетонски површини кои се многу поиздрживи и водоотпорни. Сепак саксиите имаат контакт со вода постојано. Најчесто правам залиха кога одам надвор и купувам поголеми количини.


Кажи ни за твоето студио. Ако ѕирнеме, што ќе видиме?

Моето студио го викам „Балкон“, буквално! 🙂

За помалите серии кога имам шанса сè уште го користам својот балкон, чисто од логистички причини. За поголеми проекти леењето на саксиите го правам во изнајмен простор по потреба. Дизајнот за помалите серии го правам дома, бидејќи тоа е мојот „safe space“ и храм за инспирација.

Кои материјали, алатки и опрема ги користиш?

Како што спомнав и погоре во предизвиците, бетонска смеса, која сам ја имам формулирано за потребите на саксиите, специјална хидроизолација, и боја. Се разбира калапи за оформување и изливање на бетонската смеса, алатки од бормашина до четка за цртање и сè измеѓу, како длето, мешалки, стеги, држачи, шпатули, сита, брусилици и слично

Накратко спектарот се движи од градежен работник до сликар. 🙂


Во што најмногу уживаш додека креираш саксија + кактус?

Ако го земеме предвид претходниот муабет, мојата работа е од тежок физички напор при изливање на саксиите па сè до креатива при боењето и дизајнирањето и на крај, засадувањето по желба на клиентите.

Не можам да кажам која од овие три етапи ми е најголемо уживање. Сите три си имаат своја приказна, која е убава за сведочење. Тоа што најмногу ми пружа уживање е финалниот производ. Моментот кога на нешто „брутално“ како бетонот ќе му да дадеш душа преку дизајн, и намена да вирее живо битие во него, преку засадување. И се разбира, кога целото тоа искуство наречено „бетонска саксија“ станува дел од нечиј дом и ентериер.

Дали имате совет за тие што би сакале да ги следат твоиите стапки?

Да бидат упорни, да не се откажуваат и покрај сите предизвици на кои ќе наидат. Да бидат креативни, и да се водат од нивното внатрешно чувство, кое никогаш не греши.

Идеja за декорирање со кактуси

Засадете кактуси во повеќе саксии, обидете се со групирање на повеќе саксии и кактуси. Кактусите не бараат многу одржување, така што тие се одлично растение во затворен простор. Направете си сами кластер со кактуси со различни висини и форми.

Повеќе информации за Павел на Инстаграм и на Facebook.